Спорт

СП 2018: Франција е новиот светски шампион

Сподели:

Репрезентацијата на Франција ја совлада Хрватска и по пауза од 20 години се најде на врвот на светскиот фудбал. Франција е новиот светски шампион.

Со конечен резултат од 4:2 репрезентацијата на Франција ја совлада Хрватска и стана новиот светски првак.

Уште самиот почеток на натпреварот навестуваше дека ќе бидат постигнати голови а по неполни 20 минути игра Манџукиќ го отвори резултатот, но со удар во погрешната мрежа, и им донесе водство на Французите со 1:0. Само десетина минути подоцна неговиот соиграч Иван Перишиќ со силен удар со лева нога израмни на 1:1. Во тој момент Хрватите почувствуваа дека можат да бидат рамноправен противник и продолжија со нападите. Но, Хрватите напаѓаа а Французите постигнаа гол благодарение на една контроверзна ситуација во шеснаесетникот на Хрватска, која го натера судијата Питана да побара помош од ВАР системот, по што досуди пенал за Франција, кој беше реализиран од страна на Антоан Гризман. На полувремето се замина со резултат 2:1 во корист на Франција.

Второто полувреме започна во ист стил како и првото, но овојпат Французите беа решени да ја завршат работата до крај. Така, најпрво Пол Погба а потоа и младата сензација Килијан Мбапе во 6 минути погодија по еднаш и ѝ донесоа водство од 4:1 на француската репрезентација.

Една катастрофална грешка на Хуго Љорис му даде шанса на Марио Манџукиќ да се „искупи“ за голот, а тој ја искористи и го намали водството на Франција на 4:2. До крајот, Франција имаше уште неколку шанси кои не успеа да ги искористи, додека Хрватска пробуваше со сите сили да го пробие феноменалниот двоец Варан-Умтити. Резултатот од 4:2 се покажа како конечен и Франција стана нов светски шампион.

Францускиот селектор Дидие Дешамп стана само третиот човек кој го освоил Светското првенство како играч и како селектор, а само првиот кој бил капитен на неговата репрезентација.

Сподели: