Вести Изјави Македонија Ударни вести

Спасовски: Договорот со Фронтекс значи сигурни граници и безбедни граѓани

Сподели:

 

Во емисијата „Патот кон…“ на Алсат-M телевизија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето за значењето на Договорот со Фронтекс, потпишан на македонски јазик, потсети дека овој договор за првпат е инициран во декември 2016 година од страна на Европската комисија, која што сугерираше дека е добро да се вклучат и трети земји, кои што не се членки на Европска унија, сè со цел да се работи на заштита на границите онаму каде што има потреба, при што индиректно можат да се заштитат и границите на Европската унија.

„Ние веднаш формиравме работна група и првичниот текст на договорот беше парафиран на 15 јули 2018 година со тогашниот еврокомесар за внатрешни работи г-дин Аврамопулос. Меѓутоа настана блокада од страна на Бугарија кои инсистираа договорот да не биде на македонски јазик. И тогаш јас и Владата се спротивставивме и рековме дека договорот мора да го потпишеме на македонски јазик. Четири години сето тоа се блокираше, а сега ова е првиот договор кој што е потпишан на македонски јазик, а и генерално откако се отворија преговорите со ЕУ, на што јас сум особено горд како негов потписник“, посочи Спасовски.

Во тој контекст министерот напомена дека добро за граѓаните е што веќе ќе можеме, на барање на државата, критичните точки да бидат обезбедени заеднички од полициските службеници на Фронтекс и на Република Северна Македонија.

„Тие мора да работат заедно. Не е само спречувањето на илегалната миграција, туку и транснационалниот криминал. Важно е што ќе имаме размена на информации, податоци, искуства, знаења помеѓу полициските служби. Сите бази на податоци ќе бидат ставени на располагање на Република Северна Македонија. Целокупната опрема на Фронтекс која што ќе биде потребна и побарана ќе може да се стави на располагање на Република Северна Македонија. Сето тоа е важно од аспект на безбедноста и на државата и на граѓаните и заштита на нашиот регион“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски изрази оптимизам дека по ратификацијата на договорот од двете страни, веќе на почетокот на идната 2023 година ќе пристигне првиот контингент на полициски службеници.

Сподели: