Спасовски: Илинден повторно нѐ повикува да покажеме храброст, мудрост и прогресивен дух

Сподели

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за порталот БРИФ беше запрашан околу чествувањето на претстојниот голем празник Илинден и која е неговата празнична порака до граѓаните, рече дека годинава е дел од делегацијата која ќе го одбележи празникот Илинден на Пелинце.

„Токму во годината кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание и 79 години од АСНОМ, како држава, како народ, повторно сме историски повикани да покажеме храброст и мудрост, прогресивен дух и визија, кои во аманет ни ги оставија нашите предци. Илинденците во 1903 година со формирањето на Крушевската Република, а АСНОМ-ците во 1944 година, со поставување на темелите на македонската државност.  Годинава, пак, историскиот моментум бара од нас повторно да покажеме заедништво, државнички став и визија за напредокот на државата како наша заедничка цел, со отворање на светла и јасна европска перспектива за нашите граѓани по која станавме меѓународно препознатливи, со заеднички демократски вредности, економски стабилна, почитувана, безбедна, со бројни меѓународни пријатели и партнери”, истакна министерот Спасовски, потсетувајќи на успехот во евроатлантските асоцијации.

Никогаш не сме биле толку блиску до целта која се темели на идеите на АСНОМ, како и тие на Илинден 1903, кои дадоа јасни насоки на развојниот пат на државата, со кој треба да се фати чекорот со европските држави – единство, слобода, рамноправност, толеранција и дијалог – придобивки како трајни вредности на македонското општество, нагласи Спасовски, упатувајќи порака до граѓаните и политичките субјекти.

Затоа, претстојниот празник нека биде и мотив – сите да се свртиме кон заедничката иднина, градење на достоинствен дом во кој има место за сите. Тука особено мислам на политичката одговорност на сите политички политички субјекти, за да овозможиме тој процес без никакви проблеми да се одвива понатаму и да работиме енергично на нашиот пат кон Европската унија, затоа што тоа е единствениот пат по кој можеме да се движиме. Тоа е единствената насока која што нѐ води до остварувањето на националниот интерес, а тоа е членството во европското семејство”, порача Спасовски.