Запален олимпискиот оган за ЗОИ „Пекинг 2022“

Сподели

 

Во храмот на божицата Хера во античка Олимпија, на грчкиот полуостров Пелопонез, во присуство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах, претседателот на грчкиот олимписки комитет, Спирос Капралос и потпретседателот на организацискиот комитет „Пекинг 2022“ Ју Зајчин, од зраците на сонцето, претпладнево беше запален олимпискиот оган за 24-те Зимските Олимписки игри „Пекинг 2022“, јави дописничката на МИА од Атина.

Традиционално, со специјална кореографија и молитва до богот на сонцето Аполон да ги испрати неговите зраци и да го запали светиот факел за Пекинг, палењето на олимпискиот оган беше успешно. Првиот факел го презеде шампионот во алпско скијање Јанис Андониу и му го предаде на олимпискиот шампион Ли Чиечун.

Поради пандемијата, манифестацијата се одржа без публика, а олимпискиот оган нема штафетното да патува низ Грција, туку директно ќе биде пренесен во Атина, каде што утре на посебна свеченост ќе им биде предаден на домаќините на зимските олимписки игри.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах рече дека Олимписките игри го обединуваат човештвото во сета разновидност и секогаш градат мостови и пријателство, додаде дека на светот му е потребна поголема солидарност, бидејќи „не постои мир без солидарност“.

Олимпискиот оган од античка Олимпија го започна патувањето кон Пекинг, утре ќе пристигне во Атина на античкиот олимписки стадион „Панатенаик“, каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри и ќе им биде предаден на организаторите.

Зимските Олимписки игри во Пекинг ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година.