Вести Македонија Ударни вести

Спасовски: Инклузивност во процесот на реформите во безбедносните служби

Сподели:

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари неформална средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, со координаторите на пратеничките групи и претседателите на комисиите за надзор во рамки на подготовките на реформите во безбедносните служби.

– За мене е многу значајно да имаме инклузивност во овој процес, да ги вклучиме сите политички субјекти, пред сè, Парламентот на Република Македонија, бидејќи тука на крајот се изразува волјата на граѓаните и преку една отворена дебата да дојдеме до најсоодветното решение и реформа која ќе биде ефикасна и ќе создаде заштита на системот на следење на комуникациите и заштита на човековите слободи и права – рече министерот Спасовски по средбата.

Аферата со прислушувањето во изминатите години создаде сериозна политичка криза во која се открија нарушувања на човековите слободи и права и, како што додаде Спасовски, токму поради тоа нашата одговорност во правење на вистинска реформа е многу значајна.

Негова констатација по средбата беше дека пратениците и Владата имаат единствена цел да ја заштитат Република Македонија преку ваквите служби и да создадат ефикасен систем на контрола. Тој најави дебата со сите општествени чинители меѓу кои со НВО, медиумите, експертската и стучната јавност. Ќе се менуваат повеќе закони на кои работи работна група.

 

Сподели: