Спасовски: Најдобрите студенти на Факултетот за безбедност ќе бидат дел од МВР

Сподели

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска присуствуваше  на првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – наша најстара високобразовна  институција од областа на безбедноста, кој постои и работи веќе 46 години.

Министерот Спасовски во своето обраќање пред студентите на Факултетот за безбедност рече дека овој факултет со несмален интензитет  повторно го потврдува она што низ годините го создаваше и надградуваше, а тоа е своето научно-стручно портфолио и  стожер на науката за безбедноста во образовниот систем на нашата земја.

 

„Стожер кој низ својот континуитет од основањето во 1977 до денеска може да биде горд на бројка од над 3600 дипломирани студенти во прв циклус,  140 магистри на науки и дури 43 доктори на науки од областа на безбедноста, кој макотрпно продолжува да го гради својот научен кредибилитет од четири и пол децении постоење. “, потенцираше Спасовски.

 „Вештините и знаењето  кои како млади луѓе ќе ги стекнете на факултетот ќе бидат битен фактор и влог во целосниот опшествен развој и благостојба.Безброј пати сум потенцирал дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава и демократијата на целото општество.“, порача министерот Спасовски, образложувајќи дека Министерството за внатрешни работи изминативе неколку години го демонстрираше својот отворен и партнерски однос кон науката за безбедност и кон самиот факултет како врвна образовна институција.

МВР и актуелното раководство на Факултетот за безбедност  преземаа низа конкретни активности и иницијативи со кои голем број студенти од претходните генерации веќе се дел од Министерството за внатрешни работи и  заеднички институционално ги чувствуваме придобивките од квалитетното високо образование а во завршна фаза е и заедничката иницијатива на Факултетот и МВР за креирање правна рамка со која секоја година најдобрите 10 студенти кои завршуваат на овој факултет автоматски ќе можат да станат дел од Министерството,  да го реализираат својот влог во образованието во обезбедување на безбедноста на целото наше општество.

На крајот од церемонијата свечено беа доделени индекси на кандидатите со најдобар успех.