Филмови во КИНОТЕКA

Сподели

 

Разновидност – тоа е карактеристиката на филмската понуда на Кинотека за месец октомври. Зошто? Затоа што има филмови од разни кинематографии, со различни датуми кога се создадени, со различен естетски дискурс, од различни жанрови. Сепак доминира играната форма, која е и најпопуларна.

Нема да погрешиме ако го издвоиме творештвото на познатиот и ценет германски синеаст Волкер Шлендорф, со кое и започнува месечната програма. Неговите први два филма, кои датираат од далечните шеесетти години од дваесеттиот век, ги имаат естетските, па и етичките карактеристики на таа декада.

Во вториот филм од овој мини циклус на Шлендорф, СТЕПЕН НА УБИСТВО, музиката е во целост компонирана од Брајан Џоунс – изгубениот член на Ролинг Стоунс, кои, патем, токму сега го промовираат нивниот нов албум. Неуништливи се, нема што, повеќе од половина век. Уште еден великан на современата музика, Џими Пејџ од Лед Цепелин, ги отсвири гитарските делници на саундтракот за филмот. Кинотека се реши ова филмско патешествие да го продолжи со два унгарски филма кои имаат добар багаж со годините кога се создадени.

 

 

Она што е интересно е дека филмовите се сопственост на Kинотеката, во 35 мм формат. Типично за една филмска институција, од архивски па и музејски карактер, каква што е впрочем Kинотеката.

Унгарската филмска сцена од 70-тите години од минатиот век е темелно анализирана и коментирана од Дина Јорданова, ценета филмска теоретичарка во нејзината книга  „Kинематографијата на Другата Европа”, промовирана овде во Скопје, во издание на Kинотеката.

Покрај филмовите кои временски се „стари” со децении, нема да изостанат ниту премиерите. Една од нив е проекцијата на последниот филм потпишан од веќе легендарните, пред сè во европски рамки, браќата Дарден од Белгија. Филмот ТОРИ И ЛОКИТА е општествен трилер кој е парабола за основните, економски, социјални и расни неправди кои се во срцето на денешното општество. Филмот имаше премиера на Канскиот фестивал во 2022 година, каде што се натпреваруваше за Златната палма, а ја освои специјалната награда за 75-годишнината на фестивалот.

Средината на месецот е посветена на содржините од фестивалот на дебитански филмови Киненова.