Средба на премиерот Заев со канадскиот амбасадор Пинингтон

Сподели


-“Владата на Република Македонија презема се што е потребно да го отвори патот кон евроатлантските интеграции и со тоа да го обезбеди и да го осигура квалитетот на живот на граѓаните”, изјави премиерот Зоран Заев на денешната средба со амбасадорот на Канада Филип Пинингтон.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Заев укажал дека има големо иселување од Македонија, претежно на млади луѓе.

– “Еден од приоритетите на Владата е обезбедување перспектива, работни места и достоинствени плати за задржување на младите во земјавата и враќање на оние што заминале. За таа цел се обврзавме на амбициозен план 3-6-9, во чија реализација го интегрираме целото општество”, потенцирал премиерот.

Канадскиот амбасадор упатил честитки до Заев за стапувањето на должноста премиер, но и за формирањето на Владата низ, како што истакнал, мирен, демократски процес, по длабоката политичка криза во земјата.
Пинингтон ја поздравил реформската определеност на Владата, која, како што оценил, се одразува со видлива промена на расположението кај граѓаните и оптимизам дека позитивните промени во државата стануваат реалност. Воедно соопшти дека Канада ја поддржува Македонија во НАТО аспирациите.
На средбата се разговарало и за можноста за продлабочување на односите меѓу Република Македонија и Канада во делот на економијата. Постои согласност дека реформите што водат кон владеењето на правото и обезбедување сигурност на инвестициите се охрабрувачка порака кон канадските бизнисмени, кај кои постои интерес за Македонија.