Горјан Јовановски и Драган Гелевски, основачи на платформата за климатски податоци EarthCare.ai.

Сподели

 

 

Претседателот Стево Пендаровски оствари средба во Млади Хаб, со Горјан Јовановски и со Драган Гелевски – основачи на новата, најголема платформа за климатски податоци во светот, EarthCare.ai.

Претседателот беше запознаен со целта на платформата која овозможува подостапен, централизиран пристап до климатските податоци и неопходните информации за животната средина на светско ниво.
 
Водени од потребата за навремено справување со елементарните непогоди, Јовановски и Гелевски посочија дека платформата првично е наменета за бизниси во осигурителниот, градежниот и земјоделскиот сектор кои преку увидот во временските трендови, ќе можат да носат безбедни одлуки за својот бизнис, клиентите и за животната средина.
 
 
 
 
Упатувајќи им честитки за исклучителниот успех, претседателот Пендаровски изрази задоволство што со нивната инвентивност, креативност и висок професионализам, придонесуваат кон справување со еден од најсериозните предизвици на денешницата. Тоа, беше нагласено на средбата, ќе овозможи креирање одржливи политики, стратегии и решенија.
 
Споделувајќи ги идејата и процесот на развој на новата платформа, двајцата соговорници се осврнаа на веќе глобалната AirCare (МојВоздух), која е дел од 12-те стартапи во годинашната генерација на TechStars – реномирана програма во Берлин. Во тој контекст нагласија дека менторството и соработката со ИТ и бизнис експерти, значително им помогнала во преструктуирањето на апликацијата AirCare во новата платформа EarthCare.ai. која има широк опсег на податоци за поголема предвидливост на природните непогоди.