ССМ утре со блокада пред Владата

Сподели:

Утре, 17 февруари, Сојузот на синдикатите утре ја најави последната блокада со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

Блокадата ќе биде пред Владата од 11 часот.

“Последната блокада пред Владата е токму поради тоа што оваа Влада ги блокира работничките плати долг временски период, за кој вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари или едно четиричлено семејство е посиромашно за 9.250 денари.

Падна и последниот аргумент на владините претставници кои заедно со газдите го зборуваат континуирано овој период, а тоа е дека македонските работници не биле продуктивни. Македонските работници се премногу продуктивни за платите кои ги примаат или само 17% од она што го создаваат како капитал на работодавачите се слева во платите на работниците или како пример 24.379 денари изнесува минималната плата месечно за еден работник, а 290.000 денари е продуктивноста која ја создава работникот за работодавачот,” изјави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. Тој очекува дека по утрешната блокада ќе наидат на разбирање.

“Пред одлука сме на донесување генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк и со таа одлука секој работник ќе биде заштитен,” додаде претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Сподели: