Вести Македонија Став Ударни вести

ССНМ: Имаме право да известуваме, но и да имаме став

Сподели:

 

По зачестените напади и континуирано деградирање на позицијата на новинарите и медиумските екипи за време на протестите, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека е неопходно уште еднаш да ја нагласи потребата медиумските екипи и новинари да бидат почитувани и заштитени.

Од ССНМ порачаа дека тоа го очекуваат и од припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР), институциите, партиите, но и од учесниците на протестите.

„Новинарите, фото и видео – репортерите се таму на нивното работно место и нивна задача е да информираат за тоа што се случува. Воедно, новинарите се учесници во јавната дебата и како такви имаат право да промислуваат, коментираат и аргументираат свои ставови без при тоа да бидат предмет на етикетирања и деградирања“, велат од ССНМ.

„Секој напад на новинар и медиумска екипа е напад врз јавноста и јавниот интерес, напад против правото на слобода на изразување, напад против демократијата, но и против пристојноста и цивилизациските вредности. Оттаму, секој таков напад најмногу го легитимира оној што го спроведува, како насилник и недемократ“, додаваат од ССНМ.

Од Синдикатот нагласија дека потребата на јавноста да дознае што се случува и да донесе информирани заклучоци за настаните во општеството е гаранција дека новинарството како професија ќе опстане.

„Она што историски гледано е со пократок рок се токму насилниците и недемократите. Без оглед на гласноста на улица и на социјалните мрежи – нивното време истекува“, велат од ССНМ.

Исто така, упатија и потсетување за новинарите дека имаат обврска да информираат за случувањата одговорно и непристрасно и да не се доведуваат во ситуација да шират непроверени информации нагласувајќи дека притисокот за брзина и поголема публика не смее да резултира со сензационалистичко и погрешно информирање кое нема врска со професионалното и одговорното новинарство.

Сподели: