Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Стејт департмент: Груевски треба да ја отслужи затворската казна во Македонија

Сподели:

 

Соединетите Американски Држави сметаат дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој што моментално е побегнат од законот и бара политички азил во Унгарија, треба да ја отслужи затворската казна во Македонија.

„Ние сметаме дека е соодветно правниот процес да продолжи во Македонија и Груевски да биде повикан на одговорност во рамките на македонскиот правосуден систем“, открива еден од портпаролите на американскиот Стејт Департмент, пренесува „Политико“.

Како што пренесува споменатиот медиум, тој потсетил дека Никола Груевски е осуден во Македонија на две години затворска казна поради злоупотреба на службената позиција, после еден „темелен и транспарентен правен процес“.

Портпаролот на американскиот Стејт Департмент, меѓу другото, истакнал дека таа пресуда била потврдена и на други судења, а против поранешниот македонски премиер кој сега е во бегство се водат уште четири постапки.

Од канцеларијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, синоќа потврдија дека Груевски е во Будимпешта и веќе поднел барање за азил во унгарската канцеларија за имиграција, барајќи да добие бегалски статус.

Поранешниот премиер на Македонија во вторникот на својата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук објави дека е во Будимпешта каде што побарал политички азил, тврдејќи дека од неодамна добивал закани по неговиот живот.

Откако се потврди дека е во бегство, македонските власти распишаа најпрвин национална, а потоа и меѓународна потерница по Груевски.

Сподели: