Вести

Стерјовски: Неодложна е потребата од носење закон за малцинства во Албанија

Сподели:

debata-malcinstva

Во Албанија неодложна е потребата од носење закон за малцинствата со кој ќе се регулира признавањето на македонското и другите малцинства на целата територија на земјата и посебно да се овозможи образование на македонски јазик за етничките Македонци во областа Гора и Голо Брдо, како и во другите населени места во Албанија каде што има потреба и барање за тоа.

Со ваков став се произнесе генералниот секретар на Македонската алијанса за европско обединување, Васил Стерјовски кој зборуваше за положбата на македонското малцинство во Албанија на трибината „Состојбата на колективните права на малцинствата во Албанија”, во јужниот албански град Гирокастро.

Собирот го организираше Народниот Правобранител на Албанија, Игли Тотозани, во соработка со ОБСЕ и Советот на Европа, а со поддршка на Кралството Данска, а присуствуваше и македонскиот амбасадор во Тирана, Стојан Карајанов.

Народниот Правобранител, Игли Тотозани се заложи за носење на законот за малцинствата за да се воспостават законски критериуми за официјално признавање на малцинства.

– Процесот на изготвување на законот треба да биде транспарентен и инклузивен. Треба да се промени законот против дискриминацијата, да се додадат причините за дискриминација, да се спроведат препораките на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ), да се ратификувва Европската повелба за регионалните јазици, да се спроведе нов попис кој ќе биде прифатен од сите и врз основа на објективни критериуми и да има поактивно учество и вклученост во локалната и централната власт на малцинствата – додаде Тотозани.

http://meta.mk/sterjovski-neodlozhna-e-potrebata-od-nosene-zakon-za-maltsinstva-vo-albanija/

Сподели: