Странската комисија за проверка на сомнителните случаи, за непотребно извршени кардиохируршки операции или непотребно упатени за операција, на што укажа академик Сашко Кедев, кај девет случаи од 13 анализирани, утврдила несогласување меѓу ангиографските наоди од коронографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било да се ендоваскуларните или хируршките – соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.
– Во однос на овие случаи, комсијата оценува, цитирам: „Дека одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаело врз клиничкиот исход врз нив“.
Пациентите се на возраст од 45 до 78 години, кои беа предмет на анализа. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во јавните и во приватните здравствени установи. Станува збор за случаи од неколку приватни и државни клиники и болници во земјата. Во ЈЗУ Универзитетската клиника на кардиологија, ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиохирургија, Клиничката болница – Штип, ГОБ „8 Септември“, ПЗУ „Кардио арт“ – Штип, Клиничката болница „Жан Митрев“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ – рече Алиу.
Меѓународната комсија од експерти, ги разгледуваа тројца лекари специјалисти, доктор Уголини Ливи, кардиохирург од Италија, доктор Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, и доктор Черчер Миха, интервентен кардиолог од Словенија.
– Целта беше да се обезбеди независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија во нашата држав, како и да помогнеме во препознавање на можните системски празнини во системот. Одговорност, транспарентност и заштита на пациентите беа водечки принципи од целиот овој процес, додаде Алиу.
Наодите од меѓународната комисија ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, ДКСК и сите надлежни институции во земјата.


