Реферирање за борбената готовност на Армијата

Сподели:

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски пред претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, реферираше за реализираните активности во 2025 година, степенот на опременост на Армијата и нивото на борбената готовност.

Тој даде сеопфатна анализа на армиските состојби со воениот и цивилен персонал, обуката, вежбите, операциите, военото планирање, структурата на силите, како и модернизацијата и буџетирањето на армијата.

Претседателката беше брифирана и за армиската поддршка на државните институции во услови на кризна состојба.

Сиљановска-Давкова беше информирана за националната вежба „Блесок 26“, којашто е тест за борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), согласно НАТО стандардите.

Според претседателката, брифингот, уште еднаш, со сигурност ја уверил дека не случајно, македонската армија е еден од најстабилните и најдоверливите столбови на државата и значаен фактор на регионалната и колективната безбедност.

Според Сиљановска-Давкова засилената соработка со НАТО сојузниците и успешното учество во мисии и вежби во земјава и странство, го потврдуваат кредибилитетот и меѓународниот углед на македонската армија.

Претседателката укажа на важноста на меритократијата во регрутирањето на армиските структури, посочувајќи дека силна и ефикасна армија можат да градат само луѓе со докажани способности.

На реферирањето за борбената готовност на Армијата присуствуваа министерот за одбранa, Владо Мисајловски и генерали во Армијата.

Сподели: