Заев: Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – кои градат мостови, а не ги рушат

Сподели

 

Претседателот на Владата  Зоран Заев се обрати на Свечената академија по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор насловена „После Охрид“, во кое истакна дека одбележуваме значајна годишнина од Договорот со којшто беше обезбедена мирната иднина и натамошната демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.

 

 

„Денеска, одбележуваме значајна годишнина од Договорот со кој беше обезбедена мирната иднина и натамошната демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.

Овој Договор, потпишан на 13 август 2001 година ги постави темелите врз основа на кои, ние како новоформирана Влада во 2017 година го градиме нашето заедничко, Едно и еднакво општество, вклучувајќи ги и почитувајќи ги подеднакво сите етнички идентитети и интереси на сите граѓани кои живеат овде.

Во 2017-ма година, нашиот приоритет беше да му дадеме „живот“ на овој Договор, заокружувајќи го нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија.

Тогашната Влада, пред четири години, која политички и вредносно беше на нивото на актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше повеќе од една деценија и го донесе Законот за употребата на јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор.

Законот за употреба на јазиците е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани елиминирајќи ги условите за развивање национализми и обезбедувајќи напредок на државата, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница.

Охридскиот договор, кој беше потпишан во партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот, кој за жал понесе и жртви, но од оваа дистанца можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, кој подоцна го надградивме и унапредивме создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција, заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре.

 

 

Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности. Почитувајќи ги овие уникатности и истовремено јакнејќи ја институционално нашата држава со преземање инклузивни политики и позитивни мерки ги поставивме темелите на Северна Македонија како едно рамноправно општество.

Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина.

Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи.

Како држава, ги презедовме сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, отворена и современа држава која развива интензивна регионална соработка, земја лидер на Западен Балкан.

Концептот за Едно Општество денеска е со силна база и во него силно веруваме. 

Создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

Дваесет-годишнината од Охридскиот рамковен договор се совпаѓа и со 30-годишнината од независноста на нашата земја, со 80-годишнината од Народното востание и 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во Европската Унија, изјави премиерот Заев.