Утре започнува судскиот процес за масакрирањето на коњи и една мазга во скопската Зоолошка градина – еден од најмонструозните и најсрамните настани во поновата историја на односот кон животните во нашата земја. Овој чин претставува невидена суровост, злоупотреба на службена положба и кршење на сите морални и законски норми, информираат од Анима Мунди.
“Бараме најстрога судска осуда, затворски казни и целосна кривична одговорност за сите инволвирани – директните извршители, соучесниците и поранешниот директор Кристијан Стаменов, кој ја претвори институцијата што треба да штити животни во кланица под отворено небо.
Станува збор за убиство и мачење животни без проценка, без дозвола и без етички основ, сторено пред очи на јавноста. Уште поскандалозно е што лицето под истрага за ова дело денес сè уште е вработено во ЗОО Скопје, и тоа со овластувања за контрола и надзор на квалитет – што е целосно неприфатливо и опасно.
Бараме итно разрешување на сите вклучени, транспарентна постапка отворена за јавноста, и највисоки затворски казни според законот за мачење и убиство на животни.
Животните се живи суштества со права, а не отпад. Зоолошката градина мора да биде место на грижа и хуманост, не на насилство и злоупотреба.
Ги повикуваме институциите да постапат со максимална сериозност во овој случај. Мачењето и убивањето на животни не смее и нема да помине без последици. Јавноста е тука и будно го следи секој чекор до конечниот исход. Ние нема да отстапиме, нема да замолчиме и нема да простиме додека правдата не биде исполнета”, додаваат од Анима Мунди.


