Вести Македонија Ударни вести

Сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога

Сподели:

 

Постапувајќи по барање за меѓународна правна помош, полициски службеници од Бирото за јавна безбедност- Оддел за криминалистичка полиција-Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Специјалната антитерористичка единица Тигар и СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога по насоки на предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес од раните утрински часови спроведоа кооординирана акција на шест локации на територијата на Скопје. Во исто време се спроведени и акции во Белгија и Холандија од тамошните истражни органи.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело.

 

Според добиеното Барање за меѓународна правна помош, под раководство на белгиски истражен судија се спроведува истрага за криминална организација која меѓудругото се занимава и со неовластено одгледување на канабис и продажба на наркотична дрога. Од дејствијата на Истражниот судија и Федералната судска полиција на Западна Фландрија, утврдено е дека поголемиот дел од членовите на организираната криминална група се македонски државјани или потекнуваат од нашата држава, а останатите се од Холандија, Бугарија и белгиски државјани.

 

Групата на неколку плантажи во Белгија и Холандија неовластено одгледувала канабис од 1 јануари 2020 година, а можеби и порано. Секој член на криминалната група имал своја улога во криминалната организација (оддржување на насадите на плантажите, продажба, транспорт, оддржување на локацијата за одгледување на марихуаната, плаќање на сметки за комунални услуги со лажни патни исправи итн). Осомничените македонски државјани периодично биле на релација Белгија и Холандија – Република Северна Македонија. Воедно, истрагата утврди дека осомничените дел од парите стекнати со кривично дело ги носат во РС Македонија, а со дел купуваат недвижен имот на белгискиот пазар на недвижности.

Во акцијата во која учествуваа голем број на полициски службеници, а почна координирано во трите земји во 5 часот наутро, се запленети парични средства, автоматска пушка, пушка маузер, два пиштола, поголема количина муниција, возила и златен накит, како и докази од трансакции на големи суми на пари на банкарски сметки , притоа од слобода се лишени две лица кои ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на постоење на опасност осомничените да се дадат во бегство, да се сокријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за осомничените. Воедно, обвинителството ќе побара и привремено замрзнување на имотот на осомничените лица.

Во исто време во акцијата во Белгија од слобода се лишени 11 лица и е извршен претрес на 20 локации, а во Холандија при претрес на пет локации биле уапсени пет лица.

Сподели: