Светска премиера „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски во Токио

Сподели:

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“ ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Токио на 30 октомври. Филмот е во натпреварувачката селекција на овој фестивал од А категорија.

Манчевски и дел од актерската екипа на „Сестра, брат и шахта“ ќе продефилираат по црвениот килим на отворањето на фестивалот во Токио на 26 октомври. По светската премиера во најголемата сала на фестивалот на 30 октомври, режисерот и актерите ќе учествуваат во разговори со публиката и со јапонските и меѓународни медиуми. На 2 и 3 ноември закажани се уште две проекции на филмот.

„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

Во 1995, Јапонија за првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а во 2022 година и со „Кајмак“. Всушност во Азија, не само македонската кинематографија, туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.

Filip Trajkovikj as Viktor and Sara Klimoska as Malina. Photo by Maja Argakijeva

За меѓународниот пат на филмот, продуцентот Јане Ќортoшев вели: „Радосен сум што нашиот македонски филм повторно ќе патува во Азија. Одиме на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија, еден од најреномираните фестивали во светот. Пред сè, ми се допадна премисата на филмот – распродажба на народни херои на кило! Брат и сестра крадат споменици и ги продаваат за старо железо. Па и шахти… Одлично! Слични беа реакциите и на странските копродуценти: ги привлече приказната, специфичниот јазик, и, се разбира, можноста за соработка со Милчо.“

Режисерот Манчевски, пак, рече за приказната на филмот: „„Сестра, брат и шахта“ е остра сатира и нежна студија на брат и сестра, кои со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба“.

Still from the film. Filip Trajkovikj as Viktor and Sara Klimoska as Malina. Director of photography Stefano Falivene

За ликот на Малина и предизвикот да ја изгради нејзината сила и ранливост, Сара Климоска вели: „Нејзината сила и пркос ми беа јасни и неопходни за да преживее. Но, најтешко и најважно ми беше да најдам начин ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а да не биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ дава сила да го штити својот брат“.

За радоста што ја пронашол во создавањето на Виктор, Филип Трајковиќ изјави: „Во создавањето на улогата на Виктор видов радост и среќната страна на постоењето. Неговиот оптимизам и вербата дека луѓето сепак се добри и чесни се единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога секоја постапка е водена од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил нешто зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите“.

„Светската премиера на „Сестра, брат, шахта“, новиот филм на Милчо Манчевски, во Токио е уште една важна можност македонскиот филм да биде претставен пред меѓународната публика и филмската јавност“, вели Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм и додава: „Агенцијата за филм, во координација со екипата на филмот, ќе ја поддржи светската премиера во Токио, како и активностите поврзани со неговата промоција и претставување во земјава и во странство“.

 За само една година, Манчевски сними два филма – долгометражниот документарец „Добри луѓе“ и играниот филм „Сестра, брат и шахта“. Ова е редок случај во светската кинематографија и уследи дури откако судот ја спречи незаконската забрана на неговите филмови.

Агенцијата за филм одобри поддршка за „Сестра, брат и шахта“ во 2022, но потоа незаконски го забрани филмот затоа што Манчевски пријави корупција во Агенцијата. Неговите наводи ги потврди и Антикорупциската комисија. Тој тужеше и доби две судски пресуди против Агенцијата.

„Добри луѓе“ кој Манчевски самиот го финансираше и чии приходи во целост одат за Кочани, доби едногласни пофалби во земјата и во странство: Variety го нарече „потресен портрет на општествен колапс“, Cineuropa „непоколеблива медитација за тагата, преживувањето и тврдоглавата милост на човечката солидарност“, а Filmkommentaren рече „немам зборови со кои би го опишал овој документарец на македонскиот мајстор Манчевски.“

Освен нашата Агенција за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции, кои несебично го поддржаа проектот се Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Хотел Арка, Саманта, Мај принт, Македонскиот народен театар и Види Вака.

 Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

 Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е маестро Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се: Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

 Фото: Маја Аргакијева 

Сподели: