Алтернатива Вести Македонија Настани Ударни вести

Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Сподели:

 

Додека светот продолжува да се справува со ширење на пандемијата со вирусот на КОВИД-19, 14 милиони активни волонтери и 400.000 вработени во 192-те национални друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина ширум светот продолжуваат да испорачуват хуманитарна помош на луѓето во незавидна положба, покажувајќи ја на тој начин солидарноста, обезбедувајќи поддршка едни на други и добивајќи поддршка од своите партнери.

Прекрасно е да се види како човечноста зрачи од нив и се вгнездува во сите делови на светот, особено во овие времиња на неизвесност и глобална криза, уште еднаш потсетувајќи не дека човекот не е создаден да биде сам. Колку само силно значење имаа ова токму сега, во реалноста на пандемиската ограниченост.

Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, 8-ми мај, инициран во чест на денот на раѓање на основоположникот на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст, Анри Динан, е денот кој не потсетува на потребата од намалување на човековите страдања, зачувување на човековото достоинство, заштита на животот на луѓето, како и надминување на последиците од вонредни состојби и природни катастрофи како што се епидемии, земјотреси и поплави.

Тоа е денот на кој уште еднаш се потсетуваме и ги промовираме седумте темелни принципи на најголемото меѓународно движење: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, универзалност, единство и доброволна служба.

На овој ден укажуваме на потребата за помош и поддршка на ранливото население и го насочуваме вниманието на јавноста кон нашата основна цел инспирирање и промовирање на хуманитарни активности.

На овој ден, ја прославуваме и ја изразуваме благодарноста за храброста, мотивираноста, пожртвуваноста и постигнувањата на нашите 7.500 активни волонтери и 200 вработени во Црвениот крст на Република Северна Македонија, чии живото-спасувачки услуги и други активности го менуваат животот на луѓето и ја покажуваат нашата секојдневна заложба кон хуманоста, посебно во овие тешки времиња за нашата земја.

Восхитувачка е желбата и волјата на овие луѓе доброволно да даваат услуги и да им помагаат на ранливите граѓани, без каква било материјална или финансиска добивка. Тие се секогаш онаму каде што луѓето имаат потреба од пружена рака, топол збор и реална помош. Движечката сила на овие илјадници хумани, главно млади луѓе, се солзите од благодарност, а најголемата нивна мака е дека неможат да стигнат до сите на кои им е потребна помош.

Тоа е она што не прави горди како национално друштво и ни ја враќа вербата дека солидарноста не е изгубена и дека човештината постои. Голема благодарност до овие луѓе со големи срца. Горд сум и почестен да бидам дел од Вас и да Ве претставувам.
Уште со првите хуманистички чекори на нашиот основач Анри Динан, историјата на меѓународното движење на Црвен крст и Црвена полумесечина е градена врз принципот на партнерство. Пандемијата со КОВИД-19, уште еднаш покажа дека сериозните хуманитарни состојби и потреби со кои се соочува денешниот свет не можат да бидат решени само од една организација. Тие треба да бидат помогнати и решавани со здружени сили на сите.

Во подрачјата каде постои хуманитарна криза, сите ние треба да сме свесни и спремни да понудиме помош, да ги разбереме потребите и да изнајдеме креативни и иновативни начини, за да допреме до оние поединци или групи на кои таа им е потребна за да им помогнеме во борбата со предизвиците.

Свесни за тоа Црвениот крст на РСМ продолжува со своите активности за поттикнување на јавната свест и корпоративната општествена одговорност. Воедно, ја изразувам благодарноста до сите наши партнери и донатори, институциите на системот и корпоративниот сектор, кои во овој тежок период не подржуваат.

Денес на овој светски ден продолжуваме да ги инспирираме локалните заедници да земаат учество во нашите волонтерски активности за унапредување на добросостојбата на нашите граѓани. Главната порака која ја упатуваме е меѓусебно да се почитуваме со достоинство, љубезност и хуманост.

Моменталната глобална криза не носи поблиску до заедниците на кои им служиме, повеќе од било кога порано, а моментите на позитивност и благодарност не потикнуваат и инспирираат да продолжиме да работиме уште повеќе и подобро.

Како национално друштво продолжуваме со обезбедување на сервиси и услуги кои се во согласност со нашата мисија и мандат. Горди сме на нашите постигнувања во овие 75 години од постоењето во кои бевме и помагавме таму каде што треба. Оваа криза уште еднаш не става пред предизвик, но и покажува дека Црвениот крст на Република Северна Македонија е подготвен да се справи со сите нови предизвици. Подготвени сме да учиме од минатото, да бидеме подготвени за иднината, за да бидеме подобри и поуспешни, секогаш во служба на нашите корисници на услуги.

На овој свечен ден на најголемото меѓународно движење, искрена благодарност на сите Вас за придонесот и поддршката во работата и развојот на нашата и Ваша хуманитарна организација и нека ни е честит 8-ми мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина – изјави Ромел Велев, Претседател на Црвениот крст.

Сподели: