СЗО: Најважна е стратегијата за следење на контактите и нивно изолирање

Сподели

 

Единствената најважна интервенција за спречување на ширењето на корона вирусот не е секогаш технологија, туку може да ја спроведат и широк спектар на професионалци така што ќе ги лоцираат контактите коишто го шират вирусот и притоа да ги изолираат овие лица, појасни генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус на вчерашниот брифинг за состојбата со ковид-19 низ целиот свет.

Тој истакна дека постојат чекори што сите земји можат да ги преземат за да го потиснат ширењето на вирусот. Гебрејесус ги отфрли обвинувањата од некои земји дека стратегијата за следење на контактите на заразените со корона вирус е премногу тешка за спроведување и дека е неефикасна во контролата на пандемијата.

– Тврдењата на некои земји дека има премногу контакти за пребарување и дека самиот процес е премногу тежок, не се прифатливи – истакна директорот на СЗО.

СЗО повеќе пати ги советуваше земјите дека запирањето на епидемијата со ковид-19 бара силна стратегија за следење контакти, интензивен процес за пронаоѓање луѓе кои биле во контакт со заразените лица и нивна изолација. Гебрејесус уште еднаш предупреди дека системот на следење и откривање на контактите мора да продолжи бидејќи пандемијата не покажува знаци на забавување, туку напротив се забрзува, особено во Америка.

– Суровата реалност е дека ова не е ниту приближно до крајот – потенцираше генералниот директор на СЗО, додавајќи дека „најлошото допрва следи“.