Тарчуловски и Пешевска дојдоа на распит во Кривичниот суд

Сподели

Во Основниот суд Скопје 1, утрово на распит пред судија на претходна постапка пристигнуваат шесте пратеници кои се осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27. април годинава.

Досега пристигнаа пратеникот Јохан Тарчуловски и пратеничката Жаклина Пешевска.

Шестемина пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27. април годинава во Собранието на Република Македонија.

Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски денеска треба да имаат распит во судот откако во петокот Собранието на Република Македонија им го одзеде имунитетот.

Но, и покрај одезмањето на имунитетот на пратениците, тие, според македонската легислатива и Уставот, ќе останат на пратеничката функција се додека евентуалната пресуда на Кривичниот суд не стане правосилна и ако пратеникот е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.