Телото за помирување денеска ќе го разгледа Предлог-законот за амнестија

Сподели

Интерпартиската парламентарна група за помирување, интеграција и реформи денеска ќе го одржи третиот состанок на кој ќе биде разгледан Предлог законот за амнестија што го изготви Подгрупата за помирување.

Зекир Рамчиловиќ, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја предводи Подгрупата за помирување изјави дека е постигнат консензус за законот и со него нема да бидат опфатени организаторите и лицата кои извршиле физичко насилство за време на настаните од 27. април лани во Собранието.

-Секое лице опфатено со процесот ќе треба да поднесе барање за амнестија од понатамошната постапка. На овој начин сметаме дека процесот што треба да даде одговор за сето она што се случи на 27 април ќе продолжи и од таа страна ќе имаме правна завршница, правдата ќе си го најде местото, но секако и дел од лицата кои беа вклучени во настаните од 27 април ќе добијат амнестија и на тој начин е направен првиот чекор кон релаксација на односите во општеството односно на одредени поделби кои излегоа после овој настан – изјави Рамчиловиќ.