Вести Македонија Ударни вести

Тевдовски: Не кратиме, туку го првиме реален лажно проектираниот буџет

На денешната пленарна расправа за ребалансот на буџетот, Владанка Авировиќ од ВМРО-ДПМНЕ рече дека најмногу средства се скратени за образованието и за капитални инвестиции што можеле бргу да се реализираат.

– Порастот на економијата од 2,2 проценти ќе се оствари доколку имаше брза реализација на некои од капиталните инвестиции кои овој период изостануваа. Постојат повеќе категиории на капитални проекти, едни за кои е потребно подолго време и се поврзани со јавни набавки и други кои можеа да се реализираат бргу. Градењето градинки и училишта или нивна реконструкција оди брзо. Вие кратите 8 милиони денари за реконструкција, тоа се мали зафати, но важни за училиштата и за градинките. Кратите и 15 милиони денари за изградба на училишта и на спортски сали – забележа Авировиќ.

За сметка на овие кратења, таа нагласи дека со ребалансот на буџетот има зголемување на платите во сите министерства, како и средства за договорни услуги за привремени вработувања за кои и Европската Унија забележала дека треба да се намалат.

Во однос на зголемувањето на минималната плата од 12.000 денари, Авировиќ смета дека на тој начин ќе се направи дистрозија на системот на вредности во приватниот сектор.

– Ќе има отпуштања на работници и зголемување на сивата економија, бидејќи капиталот ќе го најде својот пат како да заработи – додаде Авировиќ.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека не е точно дека капитални инвестиции се кратат, туку дека тие се поставени на реална основа, па дури и оптимистички се проектирани.

– Со буџетот за 2017 година, капиталните инвестиции беа проектирани на 27 милијарди денари, сега се на 23,4 милијарди денари бидејќи се поставени на реална основа. Во 2016 година, реализацијата била 16,9 милијарди денари и во изминатите пет години тие никогаш не достигнале реализација повисока од 19 милијарди денари. Секој буџет досега беше лажно проектиран за да се продава приказната дека има развој – одговори Тевдовски.

Пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, рече дека со ребалансот на буџетот се очекува до крајот на годината да се завршат неколку патни правци кон Косово.

– Скратени се средства од институциите кои не можат да ја следат динамиката на реализација на одредени проекти. Државата имаше институционална криза и институциите не фунцкионираа според предвидената динамика – додаде Алими.

Тој очекува правичен и рамномерен буџет, кој ќе ги задоволи потребите на сите граѓани, односно рамномерен регионален развој за кој наместо сегашните 3,7 милиони денари ќе бидат одвоени 80 милиони денари од буџетот за 2018 година.

meta.mk

Сподели: