Првиот роман на писателката Румена Бужаровска, „Тони“, доби свое трето издание откако за само четири месеци беа распродадени над 2 000 примероци
Непросредно пред 37. издание на Саемот на книга, првиот роман на писателката Румена Бужаровска, „Тони“, доби свое трето издание откако за само четири месеци беа распродадени над 2 000 примероци, соопштуваат од Издавачки центар ТРИ.
Оттаму дополнуваат дека домашните читатели ќе имаат можност да се сретнат со Бужаровска и да добијат потпис на својот примерок на 9 мај (петок), на штандот на ТРИ во рамки на Саемот.
„’Тони’ го освојува и Балканот. Српското издание на романот ќе излезе на 3 јуни во издавачката куќа ‘Бука’, а на истиот датум ќе излезе и во Хрватска, во издание на ‘Фрактура’’, велат од ТРИ.
Тие истакнуваат дека романот е откупен и од престижната француска издавачка куќа „Галимар“, која досега ги издаде и збирките раскази на Бужаровска „Мојот маж“ и „Не одам никаде“. Правата за „Тони“ се откупени и во Шпанија, Грција, Косово и Црна Гора, што значи дека романот наскоро ќе може да се чита на седум европски јазици.
„Румена Бужаровска е една од најпопуларните македонски писателки. По гостувањето на домашниот Саем, продолжува на балканска книжевна турнеја – на 11 мај ќе гостува на солунскиот саем на книга по повод скорешното грчко издание на збирката раскази „Осмица“ во издание на „Гутенберг“, а во превод од македонски на Александра Јоаниду“, велат од ТРИ.
Бужаровска ќе ја посети и Албанија, по повод промоцијата на албанското издание на „Мојот маж“ во превод на Крешник Ајдини, а издаден од страна на издавачката куќа „Кандра ботиме“.
На 4 јуни Бужаровска ќе гостува и во Србија, на книжевниот настан на клубот „Букса“ посветен на неодамнешното српско издание на „Господ, па Америка“ во издание на „Бука“, која веќе неколку недели е најпродавана книга во нивните книжарници.
