Вести Колумна Македонија Став Текстови

ЦЕЛИОТ СИСТЕМ НА РЕМОНТ! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Силните пораки на американската амбасадорка Анџела Агелер и  на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, за санкционирање на корумпираните и истите да се оддалечат од функциите – тука наидуваат на големи аплаузи. Оти, тука луѓето веќе се уморни од општество кое наликува на тешко хронично болно, кое го знае лекот ама упорно одбива да го земе.

Кај нас не е потребна некаква перцепција за мерењето корупција, оти тоа се гледа од Марс.

Тука корупцијата веќе се има здобиено со статус на културна привилегија. Долго време, кај еден слој на населението дури тоа се сметаше за способност! Да бидете чесен, значи дека самоволно сте се одлучиле да се претворите во будала. Тоа е мнение изградено на етапи, а почетокот го има во криминлната приватизација во текот на деведесетите години. Потоа нечесноста стана рутина. Оти кој би се согласил да си се третира за будала, плус без пари?! Сега, ама доцна сфаќаме, дека и самите со деконтаминиран ум сме допринеле да дојдеме до вакво дереџе. Нема полоша власт од власта воспоставена од своите слабости. Не се вели за џабе, дека секоја популација има таква власт како што заслужува.

Но, тоа е изгледа ни било само убав сатанистички ритуал, после кое се живо изгорело во арената на балот потпален од силите на злото. Потоа, отрезнување, но огромната штета веќе е направена. Со години преферираме болно општество, кое полека но сигурно не доведе до работ на опасен кањон. Демографите, наспроти статистика, велат дека како држава немаме повеќе од 1.2 милион резидентни луѓе. За 30 години зло, веќе сме преполовени, со тенденција тотално да исчезнеме, ако не го спасиме преостанотото. Но, ова не е аргумент кој ќе ги одврати болните умови на злото, оти на нив не им треба ниту еден, што има ум и совест.

Настојувањето, корумпирањето да се сведе на ниво на колективна култура, иако во основа е неоддржлива, но секако дека не е и без основа. Но, вистинскиот клуч на злото се наоѓа во одбивноста на функционалноста, професионалноста и компетентноста на институциите. Еден поранешен скандинавски дипломат кој служел кај нас, во една прилика кажал: „И кај нас, кога не би постоеле јасни правила за мерит-систем во сите пори, корупцијата би цветала!“ Оттука, тврдењето дека корупцијата расте од некои посебни антрополошки карактеристики на овдешните луѓе, во основа е релативна.

Познат е ставот на САД за Западен Балкан кој вели – „Национален интерес на САД е да се искорени корупцијата и организираниот криминал во овој регион“. Ако е така, тогаш лекот е познат и не треба многу убедување. Ни треба само директно помагање на САД и ЕУ во моделирањето на некои закони и во образувањето на институциите. Се со цел да станеме нормална држава и да го фатиме последниот воз за економски спас. Замислете и таа полудиктатура на Тито, имала добар функционален мерит-систем, а по независноста ни се случи хаос! Во правосудството и администрацијата има доста слаби кадри – партиски активисти. Секоја чест за професионалците. Во една прилика до солзи се смееле присутни, кога актуелен судија од највисока инстанца не ја знаеше основната поделба на власта. Но, бил нечив роднина, или брачен партнер на личност во кој странците гаеле надежи. Потоа, увидоа дека само наивно верувале во тоа дека за добробитта на кокошките најдобро можеле да се грижаат лисиците.

Кога едно време баравме директна странска вмешаност во образувањето на институциите, бројни новинари и медиуми потплатени од овдешните корумпирани мангупи, тоа го етикетираа како божем „протекторат“. Епа сега кога нивните деца ги гледаат само по рачните екрани – нека „уживаат“ во мизеријата на смешната сувереност, каде што вистинскиот суверенитет лежел кај бројни корумпирани! А лисицата нема самата да избере свој ловџија! Напротив, сеуште никој, ниту од власта ниту од опозицијата, не побарал извинувањето за лошото. Дури „патриотска пратија“ сеуште ги кочи уставните измени за да тргнеме напред!

Хронично болно општество

И тој формален неводно мерит-систем што постоел одамно е фарса, така што секој кој добил работа или функција морал вечно да биде благодарен на партијата, и да и биде верен послушник. Како да се работи за партиски пари, а не за пари на сите граѓани даночници! Во почетна линија, тоа самото по себе е корупција која воедно ги отвора вратите за сите други облици на корупции и криминал. И сега борбата за правдата и правичност ни наликува на борба со сопстената сенка. Проблемот на корупцијата кај нас, е што таа системски е интегрирана во секој домен, во секоја јавна институција, во секој тендер и во секоја финасиска постапка.

Политичката корупција поттикнува големи социјални разлики. Таа го уништува средниот слој и доведува до заробена држава. Кога една мала група луѓе, незаслужено добиваат финансиска и политичка моќ, тие стануваат богати и незаменливи! А сите други страдаат од блокирањето на демократските процеси, оти тие директно влијаат на нивните животи. Зголемувањето на политичката корупција, мешањето на политички и приватни интереси, се повеќе го попречува ефективно функционирање на институциите одговорни за заштита на владеењето на правото. Тогаш институциите забележливо се приклонуваат кон интересите на владејачките политички елити и, во крајна линија, ја намалуваат транспарентноста и одговорноста за нивната работа, покажувајќи симптоми на заробена држава.

Тоа претставува злоупотреба на доверената власт за приватни цели, со цел да се постигнат незаконски и нелегитимни цели. Таа се разликува од ситна административна корупција, која се однесува на службеници задолжени за спроведување на одлуките и прописите. Преку политичката корупција, елитите го нарушат јавниот интерес и ги штитат нивните незаконски приватни интереси, газејќи по јавниот интерес.

Благодарение на храброто новинарство, кај нас беа откриени бројни случаи на корупција на високо ниво, но за жал само неколкуте случаи беа процесуирани. Некои судски спогодби повеќе наликуваа на легализирање на бесправно стекнатетиот имот. Мора да има закон за потекло на имот за сите граѓани во државата, оти нелегално стекнатото често се евидентира на роднини или пријатели. Мора да има закон за брза конфискација на недокажаниот имот, за секого.

Често, напразно се спомнува некаков ветинг, кој според сите параметри има за цел само да ја легитимира постојната состојба. Кај нас е потребен нешто налик на генерален реизбор според постојни евопски стандарди, за барем да почнеме да се движиме кон нормалното.

Во сите институции мора да се применуваат принципите на транспарентност, професионалност, отчетност и одговорност. Дека недокажани борци против корупцијата нема што да бараат по други институции. Тука Грковска е во право.

Кој е лекот?

Тука не помагаат многу зборовите, а стравот делумно. Треба да се каже јасно и гласно дека ни требаат сериозни функционален институции ако сакаме да се спасиме од заробен ум и заробена држава. Замислете и една Маргарита Цаца по врќањето од Стразбург, од Судот за човекови права, три пати тука аплицирала за судијка и била одбиена!

Сега има огромна поддршка за тотални промени. Прецизни закони за мерит-систем во секоја област на јавниот живот. На такви тестови треба да подлежат сите административни и правосудни функционери. Приемот на работа и унапредувањето во кариерата мора да подлежат на бројни независни филтери каде што само квалитетот ќе биде меродавен. Мора да има и потребни измени и во кривичното законодавство за непостапување, отежнување или одолговлекување на постапката. И сега, што има лошо во тоа барем неформално да имаме мислење за високи кадровски решенија во првосудтвото од Европскиот јавен обвинител Ковеши?!  Барем да не ги збунуваме добронамерните дипломати. На ниедна држава не и тргнало без мерит-систем, а најмалку има шанси нам да ни тргне. Сигурен сум дека за САД и ЕУ е многу полесно да туркат нови закони со јасни критетиуми, отколку целата енергија да ја трошат во елиминирање на лошите последици. Да потсетиме дека сега има бројни луѓе во правосудството, на кои им е местото на спротивната страна од судницата. Тука се поранешни функционери на кои со години им се чувале кривичните предмети, се додека не се „заколнеле“ пред некој од власта дека ќе играат како што тие ќе свират.

Американската група има доста информации, дури и за патиштата на парите. Потребно е да се прочешлаат бројни тендери, партиски донации, движењето на парите и да има конкретни имиња. За тоа сум сигурен дека ја имаат поддршката на огромното мнозинство граѓани, кои се освестени дека незаконството не било „способност“, туку големо зло за нив и нивните блиски. Сфатиле дека корупцијата е како кошула која не може да се отстрани без цела кожа!

 

Сподели: