Вести Македонија

ЦИВИЛ: Приказни за суровата реалност

Сподели:

На денешната конференција на тема Инклузија: „И јас сакам да имам живот како другите!“, по повод  17 Октомври – Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, организаторите ги повикаа директно претставниците на социјално ранливите групи граѓан(к)и, како дел од проблемот и од решението, првпат, јавно и отворено да проговорат за животот во сиромаштија.

Приказните на претставниците на социјално ранливите групи ја отсликаа суровата реалност во која секојдневно живеат, но и негрижата на државата за заштита и обезбедување на оваа група граѓанки и граѓани на соодветно образование, здравствена заштита, услови за работа и почитување на нивните човекови права и слободи.

Едно од понудените решенија беше потребата од експерти кои ќе си ја работат својата работа, и ќе ја познаваат и спроведуваат социјалната политика, без оглед на партиската припадност, националноста, верата, полот или сексуалното убедување.

Исто така, беа повикани и креаторите од кои зависи промената на социјалните политики во земјата, но и претставници на граѓанските организации и сите засегнати граѓанки и граѓани, да излезат со предлог-решенија за подобрување на општествениот, политичкиот и социјалниот живот и за обезбедување на пристоен и достоинствен живот за сите.

Меѓу присутните беше и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој изјави дека мора да се обезбеди минимална плата од 12.000 денари, за некаков пристоен живот и дека мора да се посвети поголемо внимание  на граѓанинот и поединецот, со конкретни и прагматични чекори.

Коференцијата ја организираа Македонската платформа за борба против сиромаштија, Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и  EAPN – European Anti Poverty Network, со надеж дека претставниците на политичките партии ќе ги земат во предвид сите доставени предлози и можни решенија понудени од учесниците на коференцијата.

Биљана Јордановска

civil.org.mk

Сподели: