ЦИВИЛ: Слободата на известување не смее да биде загрозена!

Сподели

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги изразува своето згрозување и најостра осуда на нападот врз медиумската екипа на Телевизија 21, од страна на блиски роднини на градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими, за време на снимање на прилог во општината.

Токму ваквите акти и противзаконското однесување на насилниците се меѓу главните причини зошто угледот на Република Северна Македонија во меѓународната јавност во однос на медиумите е урнисан.

Слободата на информирање не смее да биде загрозена, а новинарите и медиумските работници не смеат да бидат попречувани во вршењето на својата работа. Тие не смеат да бидат предмет на вербални и физички напади и закани!

Фактот што ова примитивно и насилничко однесување доаѓа од структури блиски до политичките фигури е крајно неприфатливо. Затоа, ЦИВИЛ ја поздравува осудата од страна на градоначалничката Халими и ја повикува истата да ги преземе сите мерки во контекст на што поскоро решавање на овој неприфатлив чин на насилство.

ЦИВИЛ бара Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да спроведат ефикасна истрага и сторителите да бидат најстрого санкционирани!

Истовремено, ЦИВИЛ потсетува на многубројните случаи на насилство врз новинарите, за кои сè уште нема никаква разрешница. Неказнивоста на ваквите постапки, за жал, само дополнително ги охрабрува насилниците во попречувањето на слободата на информирање!