ЦИВИЛ: СТОП за политичката злоупотреба на децата за политички цели! Тоа не е патриотизам!

Сподели

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро ја осудува злоупотребата на децата и малолетниците во политички цели.  Децата никако не смеат да бидат предмет на политичка инструментализација, за преку нив да се упатуваат политички пораки, затскривајќи се зад превезот на „патриотизмот“! Злоупотребата на сопствените деца и на сите деца воопшто за упатување политички пораки е законски забрането и не е патриотизам!

Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ постојано констатира случаи на злоупотреба на деца и малолетници, особено пред и за време на кампањите за изборните процеси во Република Северна Македонија. Затоа, во пресрет на локалните избори, или други јавни настани, ЦИВИЛ повикува:

СТОП за политичката злоупотреба, инструментализација и индоктринација на децата! Не смееме да дозволиме развојот на децата да биде контаминиран со идеолошки, политички, етнички, верски, родов или социјален антагонизам и мобилизација.

Политичката злоупотреба на децата е забранета со закон! Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

ЦИВИЛ ги потсетува политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневнополитичките случувања.

Местото на децата е надвор од политиката! Политичките партии и нивните поддржувачи мораат да дадат придонес за заштитата на децата, а не за нивна политичка злоупотреба. Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство!

ЦИВИЛ во континуитет ги алармира јавноста, институциите, политичките партии и медиумите за злоупотреба на децата за политички цели и бара од институциите да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата во политиката на било кој начин.

ЦИВИЛ бара од институциите да преземат решителни санкции против сите што ќе се обидат децата и малолетниците да ги стават на својата листа на активности. Едноставно, тоа мора да престане, веднаш!