ТУРЦИЈА: Улицата во која се наоѓа руската амбасада ќе го носи името Карлов

Сподели

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу соопшти дека улицата во која се наоѓа зградата на руската амбасада во Анкара ќе го носи името на рускиот амбасадор Андреј Карлов. Карлов синоќа беше убиен во атентат во текот своето обраќање на отворањето на изложба со фотографии во главниот град на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Министрите за надворешни работи на Русија и на Турција, Сергеј Лавров и Мевлут Чавушоглу денеска се состанаа во Москва, а пред состанокот организираа заедничка конференција за новинарите.

„Најостро го осудуваме нападот на вашиот амбасадор и нашиот пријател и амбасадор Карлов. Улицата во која се наоѓа руската амбасада ќе го носи името на Карлов, и така неговото име ќе остане во Анкара и во нашите срца“, рече Чавушоглу.

Тој истакна дека турскиот народ како и рускиот жали поради тој свиреп чин, и дека целта на тој напад е нарушување на билатералните односи меѓу двете земји.

„Мораме да ги откриеме сите што стојат зад овој предавнички, подол, терористички напад. Во тоа заедно ќе успеемe“, рече Чавушоглу.