Украина и Молдавија добија кандидатски статус за членство во ЕУ

Сподели

 

Лидерите на земјите-членки на ЕУ на Украина и Молдавија им доделија статус на кандидати за членство во унијата. Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел ја објави ваквата одлука, опишувајќи ја донесената одлука како „историски момент“. Исто така, тој спомена дека почетокот на преговорите за членство во ЕУ со овие две земји нема да започне до спроведувањето на неопходните реформи.

Мишел вети дека процесот на преговори ќе се реализира врз основа на исполнетите реформи и по правилата на присоединување што ги има оформено ЕУ. Меѓу другото, ова значи владеење на правото и борба против корупцијата, пишува Би-би-си. Грузија не доби кандидатски статус на вчерашниот самит на шефовите на држави или влади на ЕУ во Брисел, а на оваа земја ѝ беше порачано дека предуслов за добивање на кандидатскиот статус е реализацијата на реформи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката на европските лидери, порачувајќи дека иднината на Украина е во членството во ЕУ. Киевскиот градоначалник Витали Кличко пак на Телеграм напиша дека Украина платила многу висока цена за оваа шанса и додаде дека неговата земја уште многу треба да работи на патот кон зачленување во ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по донесувањето на одлуката истакна дека ова е добар ден за Европа./meta.mk