Вести Свет

Украина обвинува дека Русија намерно и го уништува културното наследство

Сподели:

 

Руските агресори намерно уништуваат локалитети на културно наследство низ Украина- од регионот Луганск до Лавов, обвини Катерина Чујева, заменик-министерка за култура и информативна политика на Украина, јавува „Укринформ“.

Чујева на неформален состанок на Советот за безбедност на ОН рече дека „целото културно наследство низ целата земја, материјално и нематеријално, сега е нападнато и мора да биде заштитено за целото човештво“.

Таа наведе дека од 453 оштетени или уништени културни локалитети, 128 се со статус на споменици, 147 се верски објекти, 33 музеи и природни резервати, 59 културни центри, театри и кина, а 40 се библиотеки.

„Укринформ“ додава дека засегнати се 136 објекти кои припаѓаат на христијанските заедници, четири на муслиманските, а шест на еврејските заедници.

Чујева на состанокот рече дека некои од нападите на Русија биле насочени директно кон уништување на културни места, како што бил случајот со музејот Хрихориј Сковорода во регионот Харков и локално-историскиот музеј Иванкив во Кијив.

Низ целата територија на Украина, поточно во 15 региони, додаде заменик-министерката, се забележани штети и уништувања предизвикани од ракетни напади, бомбардирања и артилериски оган. Некои од музејските збирки, пак, како оние во Мариупол и Мелитопол, биле украдени и однесени од руските напаѓачи.

Неформалниот „Ариа-формула состанок“ за уништувањето на културното наследство како последица на руската агресија врз Украина се одржа во Советот за безбедност на ОН вчера, а е организиран од Постојаната мисија на Албанија која претседава со Советот за безбедност на ОН во јули, во соработка со делегациите на Украина и Полска./Мета.мк

Сподели: