Украина по ракетирањето без струја, парно и вода

Сподели

 

Новиот ракетен напад на Русија врз Украина во текот на вчерашниот ден ја влоши состојбата во снабдувањето со струја, вода за пиење и греење за украинските граѓани. Русија истрелала околу 70 ракети врз целата земја, при што во нападите загинале 10 лица, пренесува Гардијан. Три нуклеарни електрани се исклучени од електроенергетската мрежа, а граѓаните од многу украински градови не можат да ги задоволат основните животни потреби во денови кога температурата на воздухот веќе е под нула степени.

Кијивскиот градоначалник Витали Кличко утрово изјави дека 70 отсто од главниот град и понатаму е без снабдување со струја, додека водоснабдувањето е вратено во функција само за граѓаните од левиот брег на реката Днипро. Екипите на енергетските и водоснабдителните компании цела ноќ работат без прекин за да обезбедат повторно снабдување со вода за пиење и струја за граѓаните.

По вчерашните руски ракетни напади, само 50 отсто од граѓаните во Днипропетровскиот регион имаат снабдување со струја. Прекинот со електрична енергија предизвикал заробување на речиси 3.000 рудари во рударските окна во градовите Криви Рих и Павлохрад, кои на крајот биле успешно извлечени над земја, јавува Укринформ.

Без струја и вода за пиење беа оставени и граѓаните од Лвив на западот и Миколаив на југот на Украина. Утрово било обновено снабдувањето со електрична енергија во градовите Одеса и Житомир. Овие два града со часови немаа снабдување со вода за пиење, струја и греење, пишува Укринформ.

Украинските власти очекуваат до вечер да ја поправат електропреносната мрежа кон трите нуклеарни електрани што вчера беше погодена од руските ракети, со што барем делумно би се намалил дефицитот на произведена електрична енергија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Советот за безбедност на ОН да дејствува против Русија поради воздушните напади врз цивилната инфраструктура, кои повторно предизвикаа масовни прекини на струја ширум Украина и соседна Молдавија.

„За само еден ден бевме погодени од 70 проектили. Тоа е руската формула на теророт. Сето тоа е насочено против нашата енергетска инфраструктура“, рече Зеленски во синоќешното обраќање преку видео врска на состанокот на Советот за безбедност на ОН.

Воените дејствија продолжуваат на фронтот во Донецкиот и Луганскиот регион. Руската војска веќе подолг период се обидува безуспешно да ги освои градовите Бахмут и Авдивка во Донецкиот регион, додека украинските сили извршуваат напади врз руски позиции на фронтот што се протега од Херсон до Луганск. Најмалку двајца цивили загинаа вчера во градот Бахмут, а три лица се повредени како последица на руските офанзивни дејствија, пренесува Укринформ./Мета.мк