Вести Свет Ударни вести

Украинско обвинителство: Русија извршила 44.869 воени злосторства од 24 февруари до денес

Сподели:

 

Од почетокот на воената агресија на 24 февруари, Русија на територијата на Украина извршила 44.869 воени злосторства и злосторства на агресија, информираше Јавното обвинителство на Украина, пренесува Укринформ.

Според нивната досегашна работа, регистрирани се 43.312 кривични дела кои се однесуваат на прекршување на законите и обичаите на војна, 73 кривични дела за планирање, подготовка, започнување или водење на воена агресија, 39 кривични дела за воена пропаганда и 1.445 кривични дела за извршени други злосторства.

Јавното обвинителство на Украина отворило 627 случаи против претставници на военото и политичкото раководство на Руската Федерација поради извршената воена агресија врз Украина.

Покрај ова, според обвинителните органи, за време на воената агресија, 430 деца се убиени, а уште 827 се повредени. Овие бројки не ги земаат предвид жртвите на местата на активни воени дејствија.

Инаку, украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до граѓаните предупреди на континуирани „масовни напади“ врз енергетската инфраструктура на Украина, пренесува Гардијан.

„Ние разбираме и дека терористичката држава концентрира сили и средства за евентуално повторување на масовните напади врз нашата инфраструктура. Пред сè, енергетика“, изјави претседателот Зеленски.

Тој додаде дека на Русија за ваквите напади ѝ се потребни ирански ракети и тие се подготвуваат да одговорат на опасноста.

Руските напади во изминатиот месец уништија околу една третина од електраните во Украина, а владата ги повика Украинците да штедат електрична енергија што е можно повеќе.

Украинските власти со денови наназад ги информираат граѓаните и компаниите за закажани прекини во снабдувањето со струја низ целата земја, со цел да се стабилизира мрежата. Дел од бизнис секторот и граѓаните купуваат дизел генератори за да ја поминат зимата, додека 17 земји-членки од ЕУ испратија 500 генератори на електрична енергија во Украина за да помогнат во ублажувањето на енергетската криза.

Украинските власти информираат дека воените дејствија продолжуваат со најсилен интензитет во Донецкиот регион, каде што руските сили се обидуваат да извршат офанзивни дејствија во правецот на Бахмут, Авдивка и Новопавливка. Најмалку еден цивил го загубил животот, а пет лица се повредени во овој украински регион, јавува Укринформ.

Про-руските власти во Херсонскиот регион објавија дека градот Херсон заедно со околу 10 други населени места во регионот останале без снабдување со електрична енергија и вода за пиење по „терористичкиот напад“ врз електропреносната мрежа извршен во близина на градот Берислав./Мета.мк

Сподели: