Вести Македонија Свет Ударни вести

Унгарската опозиција води на анкетите, нивниот лидер сака да го екстрадира Груевски

Сподели:

 

Опозициската алијанса од шест политички партии во Унгарија има предност на предизборните анкети од 4 проценти пред владејачката партија „Фидеш“ на Виктор Орбан, пишува британскиот весник Гардијан. Поддршката на здружената опозиција во моментов изнесува 39 отсто, партијата на Орбан има популарност од 35 отсто, додека 23 отсто од граѓаните не одлучиле за кого ќе гласаат.

Сите опозициски партии во Унгарија се обединети во широка коалиција, кои заедно застанаа зад кандидатот Петер Марки-Зај, конзервативен градоначалник на мал град од југот на Унгарија и татко на седум деца. Во анти-Орбан коалицијата влегуваат партиите на социјалистите, социјалдемократите, зелените, либералите и поранешните ултра-десничари. Тие ќе го поддржат Марки-Зај за иден унгарски премиер, којшто ќе му се спротивстави на Орбан на изборите што ќе се одржат во април 2022 година.

Марки-Зај себеси се опишува за конзервативен политичар и католик по вероисповед, којшто успеал како независен кандидат да стане градоначалник на Ходмезевашархељ на изборите што се одржаа во 2018 година, и со тоа да ја преземе власта во некогашното упориште на Орбан. Ваквиот персонален профил на идниот кандидат за премиер, заедно со воспоставената коалиција од шест партии, можно е догодина да предизвика промена на власта во Унгарија.

Инаку, Петер Марки-Зај веќе на Твитер објави дека меѓу бројните промени коишто планира да ги направи во Унгарија е и екстрадицијата во нивните матични земји на поранешниот македонски премиер Никола Груевски и јорданскиот бизнисмен Заиф Нафа, кои во моментов уживаат азил во Унгарија од Орбан.

„Ќе ги избркаме криминалните мигранти населени од Фидеш. Ќе ги екстрадираме Никола Груевски од Македонија, Заид Нафа од Јордан и други криминални мигранти населени од Фидеш“, напиша вчера опозицискиот кандидат за премиер, Марки-Зај.

 

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски избега во Унгарија во 2018 година, со цел да ја избегне правдата, по што побара и доби азил од страна на унгарските власти. Институциите предводени од Виктор Орбан му го одобрија азилот на Груевски само неколку дена по неговото пристигнување во Будимпешта во текот на ноември 2018 година.

Инаку, Никола Груевски најпрво во земјава беше осуден на две години затвор во 2018 година за набавката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра со пари од полицијата, односно за примање награда за противзаконито влијание за набавката на мерцедесот, при што правосилноста на пресудата беше потврдена во септември 2020 година од Врховниот суд. Лани Груевски беше осуден на дополнителни 1,5 години затвор за случајот „Насилства во општина Центар“, а поранешниот премиер се гони и во други судски процеси од обвинителните акти кои ги покрена СЈО.

мета.мк

Сподели: