Уставниот суд на РС Македонија домаќин на IV Форум на Балканските уставни судови

Сподели:

Уставниот суд на РС Македонија ќе биде домаќин на IV Форум на Балканските уставни судови, во чии рамки ќе се одржи Mеѓународната конференција на тема „Современи предизвици за владеење на правото: Улогата на уставните судови“. Настанот ќе се организира  со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје од 12-15 ноември 2026 година во Охрид. 

Со одржувањето на Форумот ќе се заокружи годинашното претседавање на Уставниот суд на РС Македонија со оваа регионална иницијатива, која претставува значајна платформа за соработка, размена на искуства и унапредување на уставно-судската практика во регионот.

Досега е потврдено учеството на околу 30 високи претставници од уставни судови, меѓународни институции и организации. Покрај делегациите од земјите членки на Форумот – Албанија, Бугарија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Турција – учество ќе земат и претседателот на најстариот Уставен суд во Европа- Уставниот суд на Австрија, претставници на Врховниот уставен суд на Египет, Асоцијацијата на франкофонски уставни судови (ACCF), Европскиот суд за човекови права, Венецијанската комисија и други истакнати претставници на меѓународната правна заедница.

На свеченото отворање се поканети претседателот на РС Македонија, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, претставници на највисоките правосудни институции, дипломатскиот кор и меѓународните партнери на Судот.

Во центарот на меѓународната конференција ќе бидат прашањата за зајакнување на довербата во уставните судови, заштитата на владеењето на правото во услови на современи демократски предизвици и улогата на уставното судство во дигиталната ера. Преку размена на искуства и добри практики, учесниците ќе дискутираат за унапредување на независноста, транспарентноста и ефикасноста на уставното судство.

Во рамките на Форумот ќе се одржи и посебна седница на претседателите на балканските уставни судови, на која ќе биде разгледана и усвоена Охридската декларација, како заеднички документ со кој ќе се потврди определбата за натамошно продлабочување на регионалната соработка и зајакнување на владеењето на правото.

Организацијата на IV Форумот на Балканските уставни судови претставува потврда за меѓународниот углед што Уставниот суд на Република Северна Македонија го изгради во изминатите години и за неговата активна улога во јакнењето на регионалната и меѓународната уставно-судска соработка.

Сподели: