Вести Македонија

Уставниот суд од утре на летна ферија, СЈО и крстот во Бутел ќе чекаат до септември

Сподели:

38151ustaven sud 3

Уставниот суд утре ќе ја одржи последната седница пред летните одмори. Следната седница на Уставниот суд ќе биде по 1 септември, кога судиите се враќаат во полн состав и ќе продолжат со работа, велат за „Мета“ од судот.

На утрешната седница, како што ни рече генералната секретарка на Уставниот суд, Оливера Филиповска, нема да се разгледуваат иницијативи, туку само текстови на нацрт-решенија што ги донел судот.

Ова значи дека иницијативата за оценка на уставноста на Законот за специјално јавно обвинителство евентуално би се нашла на дневен ред на судот наесен.

Инаку, разгледувањето на оваа иницијатива беше едно од клучните барања на „Шарената револуција“ и на опозицијата.

Иницијативата за оценување на уставноста на СЈО беше поднесена во судот пред осум месеци, но досега не се најде на дневен ред на седниците на Уставниот суд.

За одлучување ќе почека и иницијативата за уставноста на одлуката за поставување на 55-метарскиот крст во општина Бутел, која во март оваа година ја поднел струшкиот градоначалник Зијадин Села бидејќи, според него, одлуката не била во согласност со Бадинтеровиот принцип.

Оваа иницијатива, иако се најде на дневен ред на судот, нејзиното разгледување беше трипати одложувано.

meta.mk

Сподели: