Вистиномер: Нема абортирани фетусни клетки во храната и пијалаците на „Пепси“, „Крафт“, „Нестле“ и „Кемпбелс“

Сподели

 

Во 2012 година, во писмо до оние кои ги бојкотираат производите на „Пепси“, заменик претседателот на компанијата им кажа на конзументите дека „Пепси“ не спроведува или финансира истражувања кои користат клеточни линии изведени од абортирани фетуси и ембриони. „Кока Кола“, „Кемпбел“, „Пепси“ и „Крафт“, за „Фулфект“ потврдиле дека не користат фетусни клетки од абортирани ембриони во своите производи, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека во нашата храна и пијалаци има производи од абортирани фетусни клетки. Во склоп на постот споделено е видео во коeшто непознат говорник објаснува дека компанијата „Сеномикс“ (Senomyx), која е интернационална, произведува засилувачи на вкусот за производители на храна како „Пепси“, „Крафт“, „Нестле“ и „Кемпбелс“. Според говорникот, „Сеномикс“, користи клетки од бубрезите на абортирани фетуси, а откако ќе ги реплицира, истите клетки ги става во сите прехрамбени производи. Меѓу производите се споменати Пепси пијалаците, спортскиот пијалак Гејторејд, чипсот Лејс, Тропикана и МинутМејд лимонадите, Дасани минералната вода. Говорникот го завршува видеото со апел да не се конзумираат овие производи.

Постот е исклучително вирален и во моментот на нашата рецензија има над 70 споделувања.

Производите, кои се споменати, се наоѓаат со години на американскиот и на дел од светските пазари, па тоа го прави овој пост уште позастрашувачки. И некои Инстаграм корисници ја раширија истата дезинформација, па потоа се повлекоа, кажувајќи дека производите не ги содржат клетките од абортирани бебиња.

Што е вистината?

Во 2010 година, „Пепси“ потпиша четиригодишен договор со „Сеномикс“, компанија којашто развива засладувачи и засилувачи на вкусот на храната. Една година подоцна, антиабортус движењето во САД „Деца за добар живот“, повика на бојкот на компаниите што се во соработка со „Сеномикс“, затоа што, како што наведоа оттаму, „фетусни линии од абортирани фетуси се користат за да се тестираат овие производи“. Тие тврдеа дека „Сеномикс“ користи клетки од бубрези на ембриони земени од абортирано бебе за да произведат засладувачи. Овие клетки се викаат HEK-293.

Во 2008 година „Сеномикс“ издала патент за „комбинирани методи за изразување на функционален рецептор за сладок вкус“ во кој се споменуваат HEK-293 клетките.

Напис од 2014 година од научното списание „Нејчр“, објаснува дека клеточната линија HEK-293 потекнува од бубрегот на абортиран човечки ембрион од 1973 година. Клетките се клонирани и широко користени во биомедицински истражувања.

Оттука произлегува тврдењето дека во патентот „Сеномикс“ користи клонирани клетки, кои потекнуваат од абортиран ембрион, во раните фази. Компанијата „Пепси“ за „Ројтерс“, негираше каква било повраност со HEK-293 клетките. Во 2012 година, во писмо до оние кои ги бојкотираат производите на „Пепси“, заменик претседателот на компанијата им кажа на конзументите дека „Пепси“ не спроведува или финансира истражувања, кои користат клеточни линии изведени од абортирани фетуси и ембриони и дека „Сеномикс“ не користел HEK клетки за производите на „Пепси“.

Од компанијата за „Ројтерс“, уште еднаш го потврдиле тоа.

Во еден временски период „Пепси“ имаше врска со „Сеномикс“, истражувајќи го развојот на нови засладувачи и засилувачи на вкусот. Но, комерцијалната врска меѓу „Сеномикс“ и „Пепси“ заврши и не користиме состојки од „Сеномикс“ во нашите производи. Како и секогаш, „Пепси“ не спроведува и не финансира истражувања кои користат фетусни клетки или фетусни линии кои содржат ембриони, посочуваат оттаму.

„Кока Кола“, „Кемпбел“, „Пепси“ и „Крафт“, за „Фулфект“, потврдиле дека не користат фетусни клетки од абортирани ембриони во своите производи. „Нестле“ не одговориле на прашањата.

Според „Фулфект“, иако клетките изведени од човеково ткиво може да се вклучени во развојот на некои вкусови, тоа не значи дека овие клетки се наоѓаат во засладувачот односно во производот што го јадете или пиете!

Освен тоа, во 2019 година во јуни и „Кемпбел“ и „Крафт Хајнц“ и „Кока Кола“ потврдиле дека не користат производи направени од „Сеномикс“ или засладувачи развиени со користење на HEK-293 клетки.

Како што и претходно пишуваше „Вистиномер“, трагата на HЕК 293 клетките има потекло во еден единствен фетален бубрег од абортиран здрав фетус во 1970 година. Сè што се случува после тоа е од култивирани клеточни линии. Научникот Метју Херпер за „Форбс“ вели:

Клеточната линија изведена од фетус за која што зборуваме, е создадена во времето кога се родив. Ова е технологија стара 35 години. И се користи во клеточната биологија. И нема начин да ги конзумирате овие клетки или на било кој начин тие да би предизвикале здравствени проблеми.

Клетките наречени ХЕК 293 (кратенка за human embryonic kidney) се земени од абортиран фетус во 1970 година во Холандија. За да се продолжи клеточната култура понатаму, воопшто не се користени нови фетални ткива! Користењето на оваа клеточна линија не води до нови абортуси.

Тоа што „Сеномикс“ тестира адитиви за храна со ХЕК клетки, фактички ѝ овозможува на фирмата да истестира многубројни вкусови со голема брзина, која не би била возможна ако би се користеле луѓе коишто ќе пробуваат вкусови.

Оттука оценуваме дека не е вистина дека во финалните производи какви што се Пепси, Лејс, Гејторејд, Тропикана и Минитмејд лимонадите и во Дасани водата има абортирани фетуси како што се тврди во постот што го рецензираме, пишува „Вистиномер“.