Веќе сме во светска војна! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Денеска светот е загрозен и од самите кругови кои немаа капацитет да му дадат до знаење на еден кандидат дека државна функција не е работа на лична суета, особено кога поради склероза се „поздравувате со воздухот“!

 

Мерсел Биљали

Само еден ден пред важниот собир во Минхен за глобални безбедносни прашања, американскиот државен секретар Aнтони Блинкен слета на неколку часа во Тирана. Станува збор за посебен третман на Албанија и поширокиот балкански регион. Во Албанија за неколку дена ќе биде отворена една голема американска воена база во Кучово вредна тешки милиони само за инфраструктурата, и покрај четирите постоечки соседни бази, две во Грција (Лариса и Суда беј) и во Италија (Геди и Авијано), со што видно би се зајакнала регионалната безбедност на Црното Море и Медитеранот.

Осум часа во Тирана, Блинкен во забиена агенда, давал тешки пораки, бидејќи светот денес се соочува со многу деликатни безбедносни предизвици. Собирот во Минхен годинава полни 60 години возраст, и се смета за главен безбедносен форум на светско ниво, каде се разговара за прашања поврзани за глобалната безбедност. Оваа конференција се одржува две години по руската агресија врз Украина и четири месеци по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Факт е дека Албанија има голема блискост во соработката со САД, што произлегува од постојната геополитика, но и од блискоста што Албанците природно ја чувствуваат кон оваа велесила. Посетата на државниот секретар во Тирана поттикна многу дискусии. Тука произлегуваат четири главни пораки.

Прво, посетата ја реафирмира Албанија како сигурен стратешки партнер за позитивните случувања во регионот, но и за поддршката на НАТО во неговите предизвици поврзани со војната меѓу Русија и Украина и обновените ризици од конфликтот меѓу Србија и Косово.

Второ, посетата претставува поддршка за реформите во правосудството и големата позитивна улога што СПАК (специјалното обвинителство против организираниот криминал), кој игра важна улога во сузбивањето на корупцијата и криминалот. Досега бројни челници од врвот на власта и од опозицијата завршија во затвор, а имотот по брза постапка конфискувано. СПАК била едуцирана во САД и перманетно е во комуникација со нив и целта е да се елиминира културата на неказнивост, особено на корупцијата која доаѓа од високите нивоа на власта, која е главна пречка за економскиот развој на една земја. Веројатно, за брзо време нешто слично ќе се инсталира во сите земји од западен Балкан. Таму Блинкен ја потврди поддршката на САД за чекорите за длабока судска реформа, нарекувајќи го нивното продолжување како клучно во спроведувањето на владеењето на правото, демократијата и развојот на земјата.

Трето, испраќање пораки за актуелните проблеми во односите меѓу Косово и Србија во призма на закочениот дијалог меѓу нив и дека ќе следи тешка ера за проруските инсталации за дестабилизација на Балканот, со цел дефокусирање на конфликтот во Украина. Тука секој релевантен политички субјект во Македонија неминовно ќе треба брзо да се снајде за да не остави ни грам сомнеж дека и намигува на Москва. Всушност, Москва сака проширување на конфликтите во светот (Израел и Газа, јужен Либан, Сирија, Ирак, Иран, Пакистан – делот од Балучистан, Јемен, Судан, Јужното Кинеско Море итн.). Така се настојува светот да се втурне во трета светска војна, која произлегува од лудилото за неприкосновена моќ на контаминираниот ум на Путин и на бројните други тоталитаристи во светот, кои мислат дека само како неприкосновена власт можат да се чувствуваат како живи, со цена целиот свет да стане мртов!

Четврто, американската поддршка за олеснување на контроверзната ситуација во врска со авганистанските жени и девојки и муџахедините кои биле прифатени на територијата на Албанија. За волја на вистината, поради ова Албанија плаќа значителна цена главно на полето на сајбер-нападите, особено од страна на иранските хакери.

Улогата на НАТО!

На конференцијата во Минхен беа присутни многу светски челници (без Путин и Хамнеи), генералниот секретар на ОН Антонио Гутерес и бројни претставници на меѓународни организации. Шефот на конференцијата, Хојсген, вели дека Русија мора прво да се „врати во цивилизацијата“ и да ја признае Украина како држава. А Хојсген, како што вели, не сака да го растури црвениот тепих за Иран, кој ги поддржува и Хамас и бунтовниците Хути.

Зеленски одржа говор и си замина. Неговото учество одговара на одлуката од пред некој ден на американскиот сенат, да се продолжи со помошта за Украина. Европската унија ја претставуваат претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен и претставникот за надворешни работи, Жозеп Борел. Во рамките на Безбедносната конференција во Минхен се одржа и панел дискусија за состојбите на Балканот и проширувањето на Европската унија кон земјите од Западен Балкан.

Познати се изјавите на републиканскиот кандидат Трамп за НАТО, дека таа е на смртна постела и најновото дека без уплата на 2%, која и да е држава членка нападната од Русија, НАТО нема да реагира!!! Изјава која уште еднаш го вознемирува загрозениот свет, дури и самата американска демократија, која нема капацитет да му каже на некој кандидат дека функциите не се работа на личните желби, дури и кога склерозата ве натера да „поздравите со воздухот“! Затоа, на конференцијата особено внимание се посвети на прашањето на улогата на САД во иднина, како локомотива на НАТО. Одделни кругови ја потенцираа потребата за понезависна европска одбранбена политика. Постои консензус дека Европа мора да стори повеќе за да ја подобри сопствената одбранбена способност, без оглед на исходот од изборите во САД. Сепак, постојат различни идеи за тоа како треба да изгледа ова. Оттука секој во ваквиот Балкан и свет мора да се разбере максимата дека: „Кој во младоста не е роб на идеалите, тој нема срце, ама тој што и во староста продолжува да биде роб на идеалите, тој нема мозок“.

И прашањето за конфликтот меѓу Кина и Тајван не остана надвор од агендата за дискусија, додека гостин на баварските организатори беше и шефот на кинеската дипломатија. Посебно место зазема и дискусијата за човековата безбедност од агол на постојаното присуство на виртуелна реалност, како што е вештачката интелигенција, или онаа поврзана со употребата на нуклеарното оружје. Светот веќе не е ист. Ако се бориме против светлината ќе ја добиеме темнината.