Вести Македонија Став Ударни вести

Високата претставничка на ОБСЕ брифирана за состојбата на новинарите во Македонија

Сподели:

 

Во рамки на официјалната посета на Високата претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите г-ѓа Тереза Рибеиро се одржа средба со претставници на новинарските и медиумските организации. На работната средба од претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт на медиуми (МИМ) беше укажано дека иако атмосферата во медиумскиот сектор е генерално подобрена сепак и после шест години отсуствуваат суштински медиумски реформи.

Овие реформи подразбираат важни измена на законите за обезбедување на поголема независност на работата на медиумите, загарантирана безбедност на новинарите и подобрување на судската пракса во насока на гарантирање на правата на медиумските работници. Освен ова, беше истакнато дека посебен проблем претставува блокирањето во Собранието на позитивните измени на Кривичниот закон со кои се овозможува поголема безбедност од притисоци и закани кон новинарите кои веќе 14 месеци не се гласаат од страна на пратениците. Дополнителен проблем кој беше истакнат се однесуваше на неизборот на членовите на управните органи во МРТ и Агенцијата за медиуми, избор кој веќе две години не се спроведува, иако мандатот на сегашните членови е изминат а со тоа се доведува во прашање и легитимноста на одлуките во јавниот радиодифузер и медиумскиот регулатор.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски укажа на зголемениот број на случаи на клевета кон новинари и дека моментално се водат 52 тужби кон новинари споредбено со ланската година кога имаше 20 случаи и ова потенцијално може да ја поттикне самоцензурата кај новинарите. Освен ова, тој истакна: „Желбата на централната и локалната власт да ги вратат јавните кампањи со цел да се рекламираат во приватните медиуми е сериозен ризик кој дополнително може да ја влоши независноста на медиумите. Доколку владата, но и општините, искрено сакаат да го помогнат медиумскиот сектор тоа исклучиво може да биде преку создавање на Фонд за слободни медиуми кој ќе даде можност на транспарентен начин и со јасни критериуми да се поддржат новинарски иницијативи на теми со кои ќе се промовира јавниот интерес а не партискиот„.

 

 

Директорката на МИМ Билјана Петковска на состанокот истакна дека: ,,Минатата година започна  процесот за воведување на медиумската писменост во основното образование, што се спроведува во соработка со МОН и со Бирото за развој на образованието, и тоа е еден од најпозитивните  чекори што беа преземени изминатиот период во оваа сфера. За жал,  не постои политичка волја кај партиите за спроведување на системските реформи во медиумската сфера,  што ги бараме со години, бидејќи нашите политичари се уште гледаат на медиумите и  на новинарството како на алатки за освојување и одржување на власта, отколку на  инструменти за демократска , економска и образовна еманципација на граѓаните“.

 

 

Претседателот на ССНМ Павле Беловски сподели дека ССНМ е постојано присутен во сите случувања во медиусмката сфера. ,,Нашите активности се опширни и сеопфатни. Ги следиме сите законски измени со фокус на слободата на изразување и работничките права. Даваме предлози и учестувaме во работни групи, секогаш здружени со партнерските организации. Синдикатот бележи раст и развој но, сакам да нотирам дека сеуште и по повеќе од една децнија постоење се соочуваме со едни исти проблеми. Долг е списокот на проблеми но решенијата со кои можат да се надминат се едноставни. Синдикатот како единствена опција за надминување на лошата состојба на вработените ја гледа во потпишувањето на колективни договори. – потенцираше Беловски.

 

 

Г-ѓа Тереса Рибеиро во рамки на својата посета на Македонија ќе оствари средби на теми поврзани со независноста на медиумите и правата на новинарите и со Претседателот на Собранието на РСМ, претставници на Владата како и на Министерството за информатичко општество и администрација, јавниот сервис и медиумскиот регулатор. Таа, како претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите има функција на темелно разгледување и предупредување во однос на постоечки ризици за нарушување и непочитување на слободата на медиумите, но и на слободата на изразување во сите земји членки на ОБСЕ.

Сподели: