Вести Македонија

Владата се задолжи за 31 милион евра

На првото задолжување годинава Владата од домашните кредитори подигна заем од вкупно 31 милион и 700 илјади евра преку аукција на државни хартии од вредност. Позајмената сума ќе се враќа со темпо од една, две и петнаесет години. Веќе утре по основ на доспеани долгови државата ќе треба да врати 15 милиони евра, јавува 24 Вести.
Од Министерството за финансии велат дека поради зголемен интерес кај инвеститорите каматата била намалена.
„За скоро три пати поголема беше побарувачката од понудата на државни хартии од вредност на денешната аукција. Сепак, иако инвеститорите побаруваа државни хартии од вредност во износ од над 5 милијарди денари, Министерството запиша 1,9 милијарди денари согласно понуденото во проспектот. Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената која ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени.“
Од СДСМ прашуваат зошто Владата се задолжува со поголема сума од доспеаните обврски.
„Порачуваме дека е недозволиво министерот во заминување Кирил Миновски да ги задолжи граѓаните со над 15 милиони евра повеќе од доспеаните обврски, без да објасни зошто. Укажуваме дека никој не смее да работи на штета на граѓаните на Македонија.“ – порачуваат од Социјал-демократскиот сојуз.
Следното раздолжување според календарот на Министерството за финансии ќе биде на 18-ти месецов, кога државата треба да врати шест милиони и петстотини илјади евра, но ден претходно Владата повторно ќе се задолжи со нова аукција на државни хартии од вредност. Буџетскиот дефицит оваа година ќе се покрива со домашно задолжување, но и со задолжување на странските пазари преку издавање на нова еврообврзница. Според последните објавени податоци од Министерството за финансии заклучно со третиот квартал од 2016-та година јавниот долг достигна скоро 4,7 милијарди евра или 50,6% од бруто домашниот производ, што претставува рекордно измерено ниво на јавен долг.
Сподели: