ВМРО-ДПМНЕ: Почнува „процесот на десоросоизација“

Сподели

„Процесот на десоросоизација почнува“, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се наведува дека „на 11 декември народот јасно, одважно и прецизно ѝ кажал „не“ на целата деструкција во режија на аболираниот криминалец Зоран Заев и на Соросовите инсталации во Македонија“.

Во соопштението се наведува дека „СДСМ и Сорос константно работат на уништување на граѓанскиот сектор и иницијативи, како и на независното новинарство во Република Македонија“.

„СДСМ и Сорос се посветени на мисијата за уништување на демократијата преку директен и брутален напад на секоја мисла поинаква од нивната матрица, од диктатите на Бихаќка и од идеите на Џорџ Сорос во изминативе 25 години. СДСМ и Сорос системски ги корумпираат новинарите и медиумите, создавајќи од нив роботизирани послушници кои се хранети со грантови за без приговори да ги извршуваат задачите што ќе им бидат дадени. Само во последниот период, во Македонија, СДСМ и Сорос преку деструктивната платеничка револуција направија штета од стотици илјади евра, повредија повеќе од 50 полицајци, демолираа државни институции и уништија споменици на културата и на македонскиот народ. СДСМ и Сорос се срам и елементарна непогода за Република Македонија. На 11 декември народот јасно, одважно и прецизно ѝ кажа „не“ на целата деструкција во режија на аболираниот криминалец Зоран Заев и на Соросовите инсталации во Македонија. Народот одлучи: процесот на десоросоизација почнува“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.