Во чест на Тоше Проески, Општина Карпош организира Меѓународен турнир во мал фудбал

Сподели

 

Од 24 до 26  јануари, во спортската сала „Форца“ ќе се одржи 11-то издание на Меѓународниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески.
Општина Карпош е главен покровител на овој спортски настан, кој се организира во спомен на нашата музичка легенда, која е родена на 25.01.1981 година.

Оваа година учествуваат екипи од Општина Карпош, Општина Крушево, НЛБ Банка, „Лиличи Ароши“ (Велес), Нова Градишка (Хрватска), Корча (Албанија), „Мандра“ – Скопје и Општина Чаир.

Со учеството на тимови од различни држави се потврдува дека Тоше беше личност која обединуваше различни култури и држави.

Во оваа пригода, во посета на Карпош и Скопје ќе биде и градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, кој ќе оствари и средба со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Проески беше и жител на Општина Карпош, живеејќи во Злокуќани, а трагично загина во Нова Градишка. Со цел да не се заборави неговата мисија и вредност, овие две општини негуваат континуирана соработка на полето на спортот и културата.

Натпреварувачкиот дел од турнирот започнува во сабота (25.01), во 10:00 часот.

Во недела (26.01), од 10:00 се игра натпреварот за трето место, а во 10:45 часот е финалето на турнирот.

Од 12:30 до 13:00 часот е доделувањето на пехари и благодарници во хотелот „Александар Палас“.

Турнирот се организира во соработка со Здружението на стопанственици Власи „Мандра“. Општина Карпош ги поканува сите граѓани да бидат дел од овој спортски настан.