Во Македонија откриена најголемата лабoраторија за синтетички дроги во регионот

Сподели

Во Тетово и во Скопје вчера е откриена најголемата лабораторија за нелегално производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Лабораторијата е откриена во акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција и на Министерството за внатрешни работи, а во предистражната постапка учествувале и Јавното обвинителство за организиран криминал и Министерството за внатрешни работи на Србија, преку заеднички истражен тим со македонските правосудни органи.

Во акцијата која вчера била спроведена на подрачјето на Тетово и на Скопје, била откриена цела инсталација за производство на синтетички дроги и се запленети големи количества дрога и суровини за нејзино производство.

„Станува збор за меѓународно организирана криминална група, составена од државјани на Република Србија и од македонски државјани, која се занимава со неовластено производство, обработка, поседување, пренос, посредување во продажба или купување, како и на друг начин неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во исто време, од страна на групата во Тетово била опремена илегална лабораторија за производство на синтетички дроги и прекурсори, со намера за понатамошна продажба и организирање на испорака на истите во Република Македонија, Република Србија и во други земји“, стои во соопштението од Јавното обвинителство за организиран криминал.

Оттаму додаваат дека годинава ова е десетта организирана криминална група разбиена од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.