Во Турција притворени се водечки курдски политичари

Сподели

Во Турција се приведени лидерите на прокурдската партија ХДП, Демирташ и Јуксекдаг, во рамките на „антитерористичка операција“. Само неколку часа подоцна во курдската метропола Дијарбакир експлодираше автомобил-бомба.

erdogan

Турското министерство за внатрешни работи во рамките на антитерористичките истраги притворило 11 прокурдски пратеници, меѓу нив и претседателите на партијата. Во соопштението се наведува дека притворени се Селахетин Демирташ и Фиген Јуксекдаг, претседавачи на Народната демократска партија (ХДП), како и други високи претставници на партијата. Тие се осомничени за терористичка пропаганда. Според извештаите на турските медиуми Демирташ бил уапсен во Дијарнакир, додека Јуксекдаг во Анкара. Во притвор е и Идрис Балукен, шеф на пратеничката група на ХДП во турскиот парламент , на чии членови во мај на барање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им беше одземен имунитетот.

„Полицајците се пред вратите на мојата куќа во Дијарбакир со налог за апсење“, напиша Демирташ на социјалната мрежа Твитер. Владата во Турција ја обвинува Народната демократска партија дека ѝ пружа политичка поддршка на забранетата Курдска работничка партија (ПКК), што ХДП решително го отфрла.

Против Демирташ и Јуксекдаг веќе подолго време се во тек истражни постапки поради „терористичка пропаганда и членство во вооружена терористичка организација“. Во минатата недела турскиот суд ѝ изрече забрана за напуштање на земјата на Јуксекдаг.

Тешка експлозија во Дијарбакир

Во изминатите недели турската влада веќе ги смени градоначалниците на повеќе од 20 општини во курдските провинции во земјата поради обвиненија за поддршка на терористички организации.

Демирташ важи за еден од најважните ривали на претседателот Ердоган. Шефот на ХДП бара автономија за курдските области. Затоа Ердоган во минатото повеќепати го обвинуваше за „предавство“.

Само неколку часа по приведувањето на политичарите на ХДП во упориштето на Курдите, градот Дијарбакир на југоистокот на Турција се случи голема експлозија во близина на една полициска станица. Притоа, како што утрината соопшти турскиот премиер Јилдирим загинале осум лица а повеќе од 800 биле повредени. Според наводи на властите станува збор за напад со автомобил-бомба.

Ситуацијата на југоистокот на Турција, кој е претежно населен со Курди и натаму ескалира по окончувањето на прекинот на огнот меѓу ПКК и турската армија во јули 2015 година. Оттогаш наваму во вооружените насилства во регионот загинале повеќе од 600 припадници на безбедносните сили и повеќе од 7000 борци на ПКК.

извор: Дојче веле