ВОЈНАТА ТРОПА НА ВРАТА! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Во 2008 година, тогашниот американски претседател Џорџ Буш се обиде да ги „зачлени“ Украина и Грузија во НАТО. На тоа жестоко се спротивстави Москва, па Германија и Франција го спречија реализирањето на таа идеја. Неколку години подоцна, Русија го искористи поволниот момент на искараниот Запад, па го анектира полуостровот Крим (2014 година), а во исто време, руските паравоени сили директно ги помагаа про-руските бунтовници во областа Донбас.

Мерсел Биљали

Сега Русија ја има опколено Украина од трите нејзини страни, со околу 100 илјади војници, со најмодерно оружје со закана секо момент да влезе на нејзината територија. Од друга страна САД и НАТО со своите сили веќе се стационирани околу Украина (а и во самата неа), а најмногу во Црното Море и во некои околни држави членки на Алијансата. Повеќето анализи наведуваат дека Путин сега би можел да ја искористи нестабилната клима во светот и да удри по Украина без да наиде на некој жесток и единствен одговор од Западот! Но, таквата состојба деновиве брзо се менува под силен американски и британски притисок.

Сега постои загриженост дека Москва настојува да ги зголеми тензиите во регионот тврдејќи дека вежбите на НАТО и другите воени операции особено во Црно Море, се намерни и провокативни, и имаат за цел да покажат дека Западот не сака да се придржува до „црвените линии“ на Путин. А во меѓувреме, руските „црвени линии“ застрашувачки се проширија до барањата – НАТО да ги повлече своите сили од прибалтичките држави, од Полска, од Романија и Бугарија, за кои НАТО ни во сон не сака да слшне!

 

Што сака Путин?

Без дилема, Русија посакува да има големо политичко влијание врз владата и државата Украина, а САД сака оваа држава да ја зачлени во НАТО. Претензиите на Русија наидуваат на поддршка во источнниот дел од Украина (источно од реката Днепар), но западниот дел е силно против тоа. Познато е дека Русија ги поттикна немирите во Донбас во 2014 година, со цел да изврши силно влијание врз украинската влада и нејзина надворешна политика  и да спречи нејзин влез во НАТО. После многу жртви и разорувања, со посредство на ЕУ (особено на Германија), беше потпишан мировниот план наречен „Минск 2“ ,кој не ги даде ветувните резултати.

 

Што може да изгуби Путин?

Доколку Русија отворено покрене нова инвазија врз Украина, сигурно би следела силна реакција од Западот. Тие земји веќе и доставуваат најмодерно оружја на украинската војска. Дополнително, Москва би можела да очекува нова рунда санкции и речиси сигурен колапс на балтичкиот гасовод „Северен тек 2“, на кој Русија и Гаспром потрошија тешки милијарди. Енергетската криза во Европа дополнително ќе се заострува поради запирањето на испорачување на руски гас, но исто така и финансиската состојба во Русија би завршила со колапс, поради таквата блокада и санкции.

Исто така, ако Русија ги нападне украинските градови со копнени трупи, тоа ќе доведе до пекол (граѓанска војна) на источниот дел од Украина. Но, таму веќе се распоредени и огромни про-западни сили, така што илјаднци руски војници би се вратиле дома во пластични ќесиња, што може да создаде внатрешен револт внатре во самата Русија. Украинската војска сега е многу посилна и многу поорганизирана во споредба со 2014 година.

Едни познавачи се на мислење дека Путин сепак блефира и нема да нападне! Негов политички успех ќе биде ако успее да се договори со Запад за тнр. „неутрелизирана Украина“, без можност таа да се зачлени во НАТО. Значи Путин посакува неговиот „театар“ да заврши со тоа, Украина да остане подалеку од НАТО и „Северен тек 2“ гасоводот да може да профункционира.

 

Мечката заигра во соседството!

Шокантност предизвика изјавата на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ ,дека „доколку ситуацијата во Украина ескалира – ќе ја повлече хрватската армија“!  Хрватската влада веројатно нема да поддржи таков вчудовиден, остар став на претседателот, иако рака на срце, Украина не е членка на НАТО, па оттука државите членки според членот 5 на Договорот, немаат обврска да учествуваат во операции за заштита на држава која не е членка. Но, самиот факт што тоа директно ги тангира интересите на целата Алијанса, одбивањето би имало политички последици. А само околу 250 хрватски војници се на границата меѓу Полска и Литванија со Русија, каде што е во тек мисијата за „Зајакнато присуство на фронтот“.

Гасната и безбедносната криза силно ја погоди и Молдавија, меѓу другото и поради неподготвеноста на Гаспром да обезбеди дополнителни залихи за европскиот пазар, надвор од оние обезбедени со долгорочни договори. Сега цената на гасот скокна на илјадници евра за метар кубен. Молдавија се потпира врз Русија за речиси целата своја потреба за природен гас. Со оглед на нејзината географска локација, земјата е клучна алка во транзитниот синџир на тој гас од Русија до земјите од Југоисточна Европа, вклучувајќи ги Бугарија, Грција, Турција и Романија. А Молдавија самата му должи на Газпром околу милијарда евра!?

Дополнително, цените на енергетските пазари низ Европа се зголемија, откако германскиот енергетски регулатор го суспендираше процесот на сертификација, што претставува големо назадување во плановите на Газпром да ја прошири доминацијата на рускиот гас со нов гасовод преку Балтичкото Море. Западните лидери повикаа на напуштање на „Северен тек 2“, кој ги заобиколува гасоводните транзитни линии низ Украина и со што таа држава губи многу од својата геополитичка позиција.

Македонија на целата ваква голема и опасна слика на големите светски играчи, може да се надева на полесно решавање на проблемите со соседната Бугарија, најмногу поради дефокусирањето на бугарската јавност кон своите безбедносни прашања, оти таа држава заедно со Романија се директно НАТО фактори во Црното Море.