Возниот парк на ЈСП ќе се обновува со германски „МАН“ автобуси

Сподели

 

ЈСП – Скопје ќе добие нови единечни и зглобни автобуси од германскиот производител „МАН“. Хрватската компанија „Ауто Хрватска“, генерален застапник за автобуските марки „МАН“, „Отокар“ и „Неоплан“, е победник на тендерот за набавка на нископодни CNG автобуси на компримиран гас за јавниот превоз во Скопје.

Хрватите во втората фаза од тендерот доставиле понуда за новите автобуси во висина од 9,85 милиони  евра, која била пониска од конкурентот „Мак Аутостар“ (застапник на “Мерцедес“), се наведува во информациите за тендерот објавени на веб – страницата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). „Мак Аутостар“ за новите автобуси со технологија на компримиран гас доставил понуда со повисока цена, што било причина за одбивање на нивната понуда.

Од ЈСП – Скопје за „Мета.мк“ не сакаат да откријат повеќе информации во врска со реализираниот тендер, ниту за бројот на автобусите, иако скопските власти на почетокот зборуваа за 30 – 40 возила. Наредната недела ќе се одржи потпишувањето на договорот. Тогаш ќе бидат соопштени повеќе детали околу целокупната постапка за набавката на новите автобуси.

Врз основа на информациите објавени во самиот тендер, доставувањето на новите автобуси за ЈСП треба да се реализира во првата половина од 2020 година. Нископодните автобуси ќе имаат ЕУРО 6 мотори, со кои ќе се сведе на минимум испуштањето на издувни гасови од јавниот превоз во Скопје.

Покрај тоа што ќе бидат климатизирани, новите автобуси ќе обезбедат и можност за превоз на лица со попреченост. Граѓаните со реализираниот тендер на скопските улици повторно ќе добијат зглобни автобуси, а со нивниот зголемен капацитет за превоз на патници ќе се намалат гужвите во јавниот превоз за време на сообраќајните шпицови.

Новите автобуси за ЈСП – Скопје се набавени со кредит од 10 милиони евра подигнат од ЕБОР, со кој е предвидено да се подобрат услугите во скопскиот јавен превоз.

Извор: meta.mk