Вучиќ: Србија нема да се приклучи кон санкциите што САД ги воведе против Милорад Додик

Сподели

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ денес изјави дека неговата земја нема да се приклучи кон санкциите што САД ги воведе против претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, додека претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ), Денис Звиздиќ изрази очекување дека воведените санкции ќе бидат поука за политичките лидери, јавува Anadolu Agency (AA).

На заедничката прес-конференција во Белград, Звиздиќ рече дека било очекувано да се воведат санкции против Додик бидејќи „перманентно ги загрозува целите на БиХ – Дејтонскиот договор, уставот на БиХ и европската определба“.

„Не сме среќни поради тоа, бидејќи тоа не е добра порака. Очекувам дека ќе биде добра поука и добра порака до политичките лидери што ги загрозуваат целите, да ја променат сопствената реторика и да се свртат кон животните прашања, дијалогот и европскиот развој на земјата“, рече Звиздиќ.

Тој напомена дека сите одлуки во БиХ се носат со консензус.

Александар Вучиќ изјави дека Србија нема да се приклучи на воведените санкции кон Додик од две причини.

„Прво, бидејќи санкциите не носат никакво решение, а второ е премолчената одлука на Владата на Србија веќе никогаш да не се повтори периодот од деведесеттите години кога едни на други си поставувавме блокади на Дрина“, обласни Вучиќ.

Премиерот на Србија, Вучиќ, истакна дека тоа е ставот на Србија, која не сака да се меша во внатрешните работи на БиХ.

На прашањето дали денеска станало збор за нападот врз него во Поточари 2015 година, на комеморацијата на жртвите од геноцидот во Сребреница, Вучиќ рече дека постоеле многу поважни работи и дека тоа никогаш нема да биде пречка за развојот на односите меѓу двете земји.

Звиздиќ додаде дека органите на БиХ работат на тој случај и дека е многу битно да се дознае кој е извршителот на тој напад.