Вести Македонија Топ теми Ударни вести

За 3 месеци продолжено замрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи

Сподели:

 

Владата денеска, донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со што продолжува да важи Одлуката за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.

Тоа значи дека останува да важи замрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо.

Одлуката се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани.

На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата на мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци.

Висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на леб бел; сечен на парчиња или цел, бел шеќер и сончогледово масло за јадење се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.

Висината на трговската маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% млечна маст и јајца се утврдува во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.

Сподели: