Заедничка изјава од претседателите на парламентите на земјите од ЈИЕ во Будимпешта

Сподели

 

ИЗЈАВА ЗА ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА на парламентарните делегации од Југоисточна Европа и Вишеградската група

Ние, претседателите на парламентите од Југоисточна Европа и од Вишеградската група со овој документ ја потврдуваме нашата посветеност на проширувањето на Европската унија и на забрзувањето на процесот на европска интеграција на Југоисточна Европа. За време на состанокот во Будимпешта, сите се согласивме за следново:

Го нагласуваме правото на сите парламенти со перспектива за пристапување во ЕУ, конструктивно да придонесат за дијалогот за иднината на Европа.

Апелираме Партнерите од Југоисточна Европа, исто така, да можат да се вклучат во дебатата за иднината на Европа, да ги изразат своите ставови и да учествуваат во настаните на Конференцијата за иднината на Европа. Во тој контекст, го поздравуваме неформалниот документ (нон-пејпер) на оваа тема, подготвен заеднички, на иницијатива на Унгарија, од владите на земјите од Вишеградската група и Австрија во мај 2021 година.

Нагласуваме дека ЕУ мора да ја задржи својата отвореност за интеграција и дека треба да понуди кредибилна перспектива за членство на Југоисточна Европа.

Ги повикуваме сите земји-членки на ЕУ да вложат напори за да го забрзаат проширувањето на ЕУ. Забавувањето на процесот ќе има сериозни геополитички, безбедносни и економски последици за Европската унија и нејзината глобална улога. Ние им придаваме особено значење на парламентите во поддршката на процесот на проширување.

Апелираме за отворање и продолжување на пристапните преговори без понатамошно одлагање, како и за нова рунда на проширување до крајот на актуелниот мандат на Комисијата или барем за завршување на пристапните преговори со земјите кандидати кои го заслужуваат тоа, со заложба за продолжување на процесот проширувањето и по овој мандат.

Повикуваме да не се штедат напори и да се искористат сите алатки на новата методологија на пристапниот процес, договорена во март 2020 година, за таа да ја постигне својата клучна цел: подинамичен, кредибилен и предвидлив процес на пристапување. Сметаме дека тоа е клучно за одржувањето на посветеноста на граѓаните на Југоисточна Европа кон ЕУ.

Ја поздравуваме посветеноста на Партнерите од Југоисточна Европа за решавање на отворените прашања по пат на преговори, за зајакнување на меѓусебните односи и мирно решавање на споровите, како и поголема соработка за осврнување кон еколошките и климатските регионални прашања.

Ги поддржуваме аспирациите на Партнерите во регионот да ја продлабочат и прошират регионалната соработка, да ја зајакнат координацијата и размената на искуства меѓу себе, и да ги зајакнат контактите меѓу луѓето, на кои Вишеградската група одамна им дава и ќе продолжи да им дава конкретна помош преку програмите за градење капацитети финансирани од ЕУ во парламентарното поле, со грантови и стипендии преку Меѓународниот Вишеградски фонд, како и со споделување на знаења и техничка поддршка за Фондот за Западен Балкан.

Повикуваме на поголема солидарност и брза поддршка за Југоисточна Европа за справување со пандемијата САРС Ковид-19. Здравјето на граѓаните, здравото опоравување на економиите и здравјето на демократиите во Југоисточна Европа треба да бидат во фокусот на институциите на ЕУ.

 Го поддржуваме принципот на „сопствени заслуги“ и за земјите кандидати и за потенцијалните кандидати. Во исто време ја поддржуваме конзистентноста на процесот и недискриминаторскиот пристап со примена на истите критериуми и правила за земјите кандидати, без разлика на временскиот период на процесот на пристапување.

Ќе ги известиме нашите парламенти и влади за оваа Изјава, со цел координирање на владината и парламентарната соработка во Вишеградската група и во Југоисточна Европа.

Го покануваме претседателот на Унгарското национално собрание, кој во моментов ја води парламентарна соработка на Вишеградската група, да ја испрати оваа Изјава до националните парламенти на Европската унија и до лидерите на институциите на Европската унија.

Партнери: Ласло КОВЕР, Алекса БЕЧИЌ, Томаш ГРОДЗКИ, Бакир ИЗЕТБЕГОВИЌ, Борис КОЛАР, Глаук КОЊУФЦА, Радек ВОНДРАЧЕК, Талат ЏАФЕРИ, Милош ВИСТРЧИЛ, Елвира КОВАЧ, Ришард ТЕРЛЕЦКИ, Мими КОДЕЛИ

Почесни гости: Недељко ЧУБРИЛОВИЌ, Иштван ПАСТОР, Мирсад ЗАИМОВИЌ